Повторно четирицифрена бројка на ковид-19 случаи: Вчера регистрирани 1.031 нов пациент, околу 400 слободни болнички кревети

Фото: EPA-EFE/SASHENKA GUTIERREZ

Во моментот во земјава се активни 11.641 случаи на заболни од ковид-19. Од почетокот на епидемијата досега во земјава се регистрирани 112.107 дијагностицирани лица, оздравеа 97.166 лица, а починаа 3.300. Во вчерашниот билтен на Министерството за здравство (МЗ), дневниот биланс достигна четирицифрена бројка – 1.031 нов случај на заболени од ковид 19 од направени 4.373 тестирања. Од нив, речиси пола се во Скопје – 492. Вчера беа регистрирани и 20 починати пациенти на возраст од 50 до 93 години.

Бројот на новозаболените изминатиот период бележи раст. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) има зголемување за 23 отсто на случаите во однос на минатата недела

Според директорката на Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, Милена Стевановиќ растот се должи на непочитувањето на мерките, но и на ширењето на британскиот сој на вирусот.

– Зголемувањето на бројката на нови инфицирани секогаш се должи, пред сè, на непочитување на мерките. Се разбира и еден висок процент од околу 70 отсто на асцилирање на британскиот сој носи со себе своја одговорност за покачувањето на бројките, со тоа што една од неговите карактеристики е побрзо, полесно ширење меѓу популацијата. Но, пред се, е непочитувањето на мерките, истакна Стевановиќ во интервју за МИА.

Зголемувањето на бројот на новозаболени ги пополнува и болничките капацитети. Стевановиќ посочи дека тие се практично пополнети, па повторно е отворена и модуларната болница, а повторно се отвораат и интернистичките оддели како последица на зголемениот број на новоинфицирани.

Според последните податоци од МЗ, вкупната бројка на позитивни и суспектни пациенти на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 995, а има околу 400 празни болнички кревети во ковид-центрите.

На инфективните оддели во главниот град се лекуваат вкупно 406 пациенти сомнителни и потврдени за ковид-19 и голем дел од нив се на кислородна поддршка.

Поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, отворени се и ковид центрите на Клиниката на нефрологија, на Клиниката за Гастроентерохепатологија, на Клиниката за очни болести и ковид-центарот на Клиниката за уво нос и грло. На Интерните клиники вкупно се лекуваат 166 пациенти.

Од МЗ соопштија дека вкупно 589 пациенти позитивни или суспектни на корона вирусот се лекуваат во ковид центрите во болниците низ државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот