Поврзување на компаниите од земјава и регионот, клучно за конкуреност на големите пазари

фото: МИА

Поврзување на домашните производители од металната и електроиндустријата со странски компании купувачи и олеснување на нивниот излез на странски пазари, има за цел дводневната Трета конференција на Macedonia Manufacturing Expo што денеска и утре се одржува во Скопје. На конференцијата ќе се сретнат повеќе од 100 македонски компании, 34 странски компании купувачи и 15 компании директни инвестиции.

Ваквите настани, според министерот за економија Крешник Бектеши, кој се обрати на конферецијата, се додадена вредност на сите политики и мерки на владата за поголем економски раст и поддршка на компаниите, и оти без нив тие не би ги дале очекуваните резултати.

– Тие се важни и за продлабочување на регионалната соработка,што произлегува и од насоките од Берлинскиот процес и предулсовите за отворање на преговорите со ЕУ. Во регионот сме сите мали пазари и не може да бидеме конкурентни во европки и светски рамки.. Како релативно мали економии, клучно е на поголемите пазари да се настапува партнерски, како регион, за да се оствари поголем успех, бидејќи станува збор за пазарен систем во кој конкуренцијата е главен економски двигател, тече Бектеши.

Марта Наумовска Грнарова, претседател на МАМЕИ вели дека тие како асоцијација пет години вложуваат во промоција на потенцијалот на македонската лесна преработувачка индустрија.

– Нашата мисија е да ги поврземе домашните производители од оваа индустрија со странски компании купувачи, да им го олесниме излезот на светските пазари. Резултатот од минатогодишната конференција се потпишани договори од околу половина милион евра. Сметаме дека ова е одлична бројка особено ако се земе во предвид дека станување добавувач на странска компанија е долгорочен процес. Минатата година беа реализирани 400 претходно закажани состаноци во еден ден, оваа година ќе ја надминеме оваа бројка, сметам дека тоа е уште една потврда колку овој настан и е потребен на македонската индустрија, рече таа.

Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во земјава, се согласува дека ова е еден од начините да се поврзат компаниите од земјава и регионот со потенцијални странски компании купувачи. Тоа, смета ќе помогне во развојот и на самите земји, но и на регионот во целина.

Според него, особено важно е да се напомене дека покрај пврзувањето со регионални и странски компании е и обука на стручен кадар кој се бара на пазарот на труд. Тоа, додаде, е нешто на што се работи и ќе им помогне и на компаниите за нивниот развој, но и на самите граѓани да бидат повработливи.

Конференција од овој тип во организација на МАМЕИ првпат се организирала во 2016 година. Оттогаш до сега, велат од организацијата, бројот на компании кои учествуваат и средби кои се организираат постојано расте.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот