Повреден пожарникар во Тетово

Еден пожарникар е полесно повреден во Тетово при гаснење пожар во текот на вчерашниот ден, а противпожарната единица морала да интервенира на десетина места во периодот од 8 часот па се до 3 часот рано изутринава.

 -Вчера имавме пожар кај Спортскиот центар во Тетово каде беше повреден пожарникарот. Освен таму на отворено имавме пожари во атар на Брвеница, Жеровјане на дива депонија во Челопек во куќа и плевна и на автопатот Тетово-Скопје на возило. Причини се високите температури и несериозноста на граѓаните кои палат на отворен простор, информира Ука Алити, командант на тетовската пожарна.

Во СВР Тетово во текот на првите шест месеци од годинава, заклучно со денеска, 24 јуни бројот на пријавените пожари на ова подрачје изнесува 54 на отворен простор, во поле, шумски предели и други места.

 -Во два  од нив регистрирани се две човечки жртви, една на гостиварските и една на тетовските простори. Речиси во сите пожари, пак, причинета е значителна материјална штета. Секторот за внатрешни работи Тетово  апелира до граѓаните да бидат постојано внимателни ако се движат или работат во полето и низ шумите, да не ги палат отпадоците, меѓите и стрништата на нивите и да не фрлаат неизгаснати догорчиња со цел да се избеге појава на пожари, истакна Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Од полицијата потсетуваат дека предизвикувањето на шумски пожар намерно или од невнимание претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни поднесоци и за кое е предвидена и затворска казна до 8 години (член 227 од Кривичниот законик), зависно од видот на пожарот и другите околности и последици.

Минатата 2020 година на подрачјето на СВР Тетово вкупно биле пријавени 112 пожари, најмногу во летниот период.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот