Повишен тон, мавтање со бели листови: Tензично судењето за предметот „Монструм“

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Денешното сведочење на Весна Антиќ, вработена како началник во МВР, сведок во случајот „Монструм“ и нејзините изјави дадени пред судечкиот совет со кој претседава судијата Огнен Ставрев беа „мегдан“ три пати во рок од 30 минути, меѓусебно да се расправаат адвокатот Насер Рауфи и обвинителката Фатиме Фетаи.

Адвокатот тврдеше дека обвинителката му упаѓа во збор, дека не може да работи и да поставува прашања на раат, па во излив на нервоза побара од судот таа да биде изземена од случајот.

Обвинителката пак посочи дека одбраната на обвинетите во јавноста дава невистинити изјави во врска со случајот.

Иако судијата Ставрев ги опомена двете страни да ги смират страстите за да не бидат парично казнети, нервозата, повишениот тон и мавтањето со бели листови остана во „игра“ додека и се поставуваа серија прашања или додека одговараше сведокот Антиќ.

После час и половина од сведочењето на Антиќ, судијата Ставрев даде 30 минутна пауза.

Сведокот Антиќ пак во својот исказ пред судот нагласи дека во хемиската лабораторија на МВР во врска со земјата која била најдена на возилото „опел омега“, за кое се тврди дека било користено од дел од обвинетите во овој случај и земјата земена како примерот од местото на петкратното убиство кај Смилковско Езеро е утврдено дека има совпаѓање.

– Испитувавме мастила, боја од возило, траги од дрога и оружје, видови на стакло, а правевме и хемиска анализа на земја. На 14.04.2012 година бев повикана на работа во МВР. Земав примероци од земјата најдена на автомобилот. По микропроверката утврдивме дека има совпаѓање на земјата најдена на возилото, со таа најдена на местото на убиството, рече Антиќ, која додеде дека од неа било побарано да направи само анализи на примероците од земја кои се совпаднале, а никој од неа не побарал да направам вештачење на земјата.

Пред Антиќ сведочеше пензионерот од Тетово, Фадил Алили. Тој во својот краток исказ пред судот рече: „На денот на немилиот настан, по телефон ме побара полицаецот Армен кој ме праша дали нешто знам повеќе за петкратното убиство. Му кажав дека ништо не знам. Од тој ден до денес со него не сме разговарале за тој случај“.

Петкратното убиство кај Смилковско Езеро се случи на 12 април 2012 година кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата и ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот