Повик за напад на израелско пристаниште по убиството на иранскиот научник

Иран ќе даде „промислен и одлучен одговор” за убиството на неговиот најдобар нуклеарен научник, Мохсен Фехризад, изјави Камал Харази, советник на врховниот ирански верски лидер, Али Хамнеи.

-Без сомнение, Иран ќе одговори на криминалците кои му го одзедоа животот на Мохсен Фехризад, изјави Харази, кој е и шеф на стратешкиот совет во Министерството за надворешни работи, јавуваат британските медиуми.

Весникот „Кајан Дејли”, чиј главен уредуван го постави врховниот верски лидер Али Хамнеи, повика на напад врз пристаништето Хаифа, доколку се покажат точни тврдењата за израелска вмешаност.

„Нападот треба да биде изведен со таква сила што, освен уништување на објекти, треба да предизвика и големи човечки жртви”, напиша уредникот Садола Зареј во неговата денешна колумна.

Научникот Фехризад, кого западните земји го сметаа за архитект на иранската нуклеарна програма, пред два дена беше убиен во заседа во предградие на Техеран, додека го возел својот автомобил, придружуван од телохранители.

Некои ирански верски и воени лидери за нападот веднаш обвинија дека деценискиот непријател Израел, стои зад неговото убиство, додадоа британските медиуми.

Неименуван израелски официјален претставник за „Њујорк тајмс“, пак, изјавил дека светот треба да му се заблагодари на Израел за убиството на иранскиот нуклеарен научник Мохсен Фехризад, иако земјата не презеде одговорност за атентатот.

Брук Ридел, истражувач во институтот Брукингс и поранешен службеник на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), за истиот весник изјави дека Израел покажува исклучително ниво на способност да изврши напад врз високи функционери и лица на непријателска територија.

Според Ридел убиството на научникот може да биде навестување дека еврејската држава ја активира мрежата на оперативци составена од ирански имигранти во Израел и нивни помагачи во Иран.

– Мислам дека тоа е знак дека играта е во тек или започнува, вели Ридел, предупредувајќи дека може да има нови напади, осум години од последниот атентат за кој е обвинет Израел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот