Повеќе од 800 четвртоодделенци од Аеродром ќе добијат бесплатни таблети

Фото: Општина Аеродром

Од Општина Аеродром најавуваат дека овој проект ќе се спроведува секоја година и ќе претставува континуиран процес што ќе им помогне на најмладите полесно да го совладаат образовниот процес

Повеќе од 800 деца што посетуваат настава во некое од основните училишта на територија на Општина Аеродром и во новата учебна година која е на прагот ќе бидат четврто одделение, наскоро ќе добијат таблети, најавуваат од локалната самоуправа.

Според општинарите, на овој начин тие се обидуваат да им излезат во пресрет на дечињата, но и на нивните родители овозможувајќи им ваков тип уред, кој ќе помогне во реализацијата на современиот тип настава, но истовремено ќе значи и олеснување на трошоците на семејствата.

-Според изборната програма на градоначалникот Тимчо Муцунски и заложбата за осовременување на образовниот процес, секое дете што посетува настава во четврто одделение во основните училишта во Општина Аеродром, во новата учебна година ќе добие бесплатен таблет. Предвидено е повеќе од 800 дечиња да добијат таблет, со што се остварува ветувањето за модерно и современо образование за секое дете во Аеродром. Со оваа мерка, покрај тоа што ќе им се помогне на родителите и семејниот буџет, истовремено ќе се подигне свеста за дигитализацијата и за модерните предизвици – информираат од Општина Аеродром.

Оттаму најавуваат и дека овој проект ќе се спроведува секоја година и ќе претставува континуиран процес што ќе им помогне на најмладите полесно да го совладаат образовниот процес.

-Општина Аеродром во изминатите неколку месеци стави особен акцент на инвестициите во образованието. Во сите училишта учениците добија смарт-табли, на покривите беа поставени фотоволтаици, а неколку други училишта добија нова фасада, проширување на капацитетите и реновирање на просториите. Најмладите се наш врвен приоритет и овие инвестиции ќе продолжат и во иднина – најавуваат од оваа скопска Општина.

Во новата учебна година освен обезбедувањето нови таблети за четвртоодделенците, беше донесена и промената на задолжителната училишна униформа кај сите основци. Имено, учениците што посетуваат настава во основните училишта во оваа скопска општина, наместо како досега да имаат обврска да носат горен и долен дел од униформата, од почетокот на оваа учебна година ќе имаат обврска да носат само задолжителен горен дел. Ваквата промена беше направена поради многубројните реакции на децата, но и на возрасните. Според најавите, панталоните што беа задолжителен дел од униформата веќе нема да се носат, а учениците во учебната 2022-2023 година ќе добијат бесплатни униформи, кои ќе бидат составени од две блузи со краток ракав, две блузи со долги ракави и еден дуксер.

Пред донесувањето на конечната одлука од општината, низ основните општински училишта беше спроведена анкета околу потребата за исфрлање на долниот дел од задолжителната училишна униформа. Надлежните ги прашаа родителите и дали досегашниот училиштен елек и понатаму да остане како дел од задолжителната облека за посетување на наставата или да биде заменет со нов. За време на вака спроведените анкети, мноштвото на родители се изјасниле за тоа децата наместо елек да добијат дуксер и долниот дел што досега беше составен од панталони за машките и здолниште или панталони за девојчињата, комплетно да биде тргнат како задолжителен дел од униформата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот