Повеќе причини зошто опасноста од коронавирусот е присутна и во лифтовите

Фото: Профимедиа

Коронавирусот се шири многу лесно, експертите и многу официјални студии неколку пати досега укажуваа на опасноста дека вирусот останува на површини како стакло, метал, пластика, хартија или текстил од два до пет дена.

А како потенцијално опасни простории се наведуваат и лифтовите. Проблемот, имено, се состои во тоа што тие се многу тесни, не се проветруваат адекватно, и на многу мал простор може да се најдат три, четири или повеќе лица. Исто така, од моментот до повикување на лифтот е потребно да се притискаат и допираат повеќе копчиња, нешто што го направиле и стотина луѓе претходно.

Во лифтовите дневно поминуваат многу луѓе, а секој од нив мора да: го притисне копчето за повикување на лифтот, да ја фати рачката за отворање на вратата, да ја затвори внатрешната врата (ако лифтот има таква врата), да го притисне копчето за бирање на спратови, повторно да ја отвори внатрешната врата, па рачката за отворање на вратата и конечно надворешната рачка за да ја затвори истата.

Секој од тие контакти е потенцијален ризик за заразување со коронавирус.

– Постои можност капки кои го содржат вирусот да се наоѓаат на копчињата и на подот на лифтот. Поради тоа неопходно е за време на користење на лифтот, секако да се користи заштитна маска, како и ракавици или некој друг предмет со кој би можеле да ги допирате копчињата, а тоа да не бидат вашите прсти – се дел од советите на сајт на една реномирана приватна клиника за тоа како да се избегне заразата и подоцна заболување од Ковид-19.

Според нивните совети и се тоа да го направите со прст, настојувајте потоа да не допирате други делови од телото. Откако ќе излезете од лифтот, секако треба да ги измиете рацете.

Една од најсигурните превентивни мерки е граѓаните поретко да го користат лифтот, особено тие кои живеат на пониските спратови.

Инаку, како што покажаа некои од претходните студии, коронавирусот на металните површини може да преживее точно пет дена. Пластиката е „најлоша“, бидејќи за време на едно тестирање е воочено дека на неа вирусот може да опстои од два до дури девет дена.

Словенија: Само по едно лице во лифт

Словенечката влада донесе одлука дека зградите со повеќе станови мораат да бидат дезинфицирани најмалку двапати дневно, особено на влезните врати, оградите на скалите и копчињата на лифтовите. Исто така, во нив е дозволено да се вози само по едно лице.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот