Поважно е партијата да вработи директор, отколку претпријатието да работи

Никој не води сметка за стручноста на тие што застануваат на чело на државните институции. Државата за нив секогаш има пари, а кога ќе се испразни касата речиси и да нема реакција, камоли истрага, одговорност, казни… Најмногу што се прави е барање за смена на стариот со ист таков, ама нов директор.

Именувањето директори во јавните претпријатија, фондовите и другите институции, кои се директно врзани за државниот буџет, се претвори во фарса. Со извлекување имиња од партискиот барабан, не само што се девалвира нивната личност, туку и упорно се нанесува штета на институциите, кои треба да бидат сервис за граѓаните. Последен во низата е примерот со злоупотребените пари во Националната агенција за европско образование. Што се случи со најавената конкуренција, со изборот на најдобри кадри на конкурс, кои ќе дојдат на функцијата со програма за работа? Никој не ги есапи укажувањата на Државната комисија за спречување на корупцијата дека има пропусти во законите за локална самоуправа и за јавните претпријатија, слабости што дозволуваат неказнето да продолжи именувањето и разрешувањето вршител на должност директор.

Комисијата реагираше поради тоа што исто лице двапати е именувано како в.д. директор на јавно претпријатие во Општина Лозово, без да се почитуваат одредбите од Законот за локална самоуправа и Законот за јавни претпријатија. И тоа без јавен оглас, со образложение дека „општината Лозово е мала рурална средина, во која нема лице кое во целост ги исполнува условите од член 23 од Законот за јавни претпријатија“(!?). По именувањето, пак, на Стојанче Ангелов за в.д. директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Синдикатот на Центарот се огласи со отворено писмо до Владата во кое потсети дека за државата е важно кризите да се менаџираат професионално и од професионалци и дека ЦУК не е полигон за обука на политичари за директори…

Практикувањето власт со повеќе коалициски партнери, како практика и „традиција“ од сите претходни избори, секогаш е проследено со „благодарност“ за поддршката во вид на директорско парче од владиниот колач. Така директорските позиции станаа „жртвени јагниња“ за мир во куќата. И тука завршува целата работа. Понатаму никој не води сметка за стручноста на тие кои застануваат на чело на државните институции. Некои од нив располагаат со прилично богати буџети (на пример ЈП за државни патишта), државата за нив секогаш има пари, а кога ќе се испразни касата речиси и да нема реакција, камоли истрага, одговорност, казни… Најмногу што се прави е барање за смена на стариот со ист таков, ама нов директор. „Поштата“ ја ограбуваа, ја палеа и – никому ништо, сега ќе се продава. Тука се и МЖ „Транспорт“ и „Инфраструктура“, двете со огромни загуби (за првата половина од годинава 2,7 милиони евра). Ќе се избира и нов директор на Агенцијата за филм, а претходно ДКСК побара од Владата да го разреши досегашниот, пред истекот на мандатот, поради прекршување на процедурите. Владата летоска препорача постапка за разрешување на директорот на ЈП за стопанисување со објектите за спорт во државна сопственост, поради индиции за сериозни нарушувања на повеќе одредби од Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и за носителите на јавни функции. Имаше и предлог за разрешување на директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта, поради неисполнети обврски од програмата за работа и поради слаби резултати.

Вака ќе биде сѐ додека има кој да ги покрива загубите. Секако дека нема да дочекаме некој од потенцијалните кандидати за директор (важно ним им следува фотелја, не е важно каде!) сам да каже дека не е стручен или не е способен да раководи со такво претпријатие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот