Потврда од Данска – Северна Македонија ги исполнува копенхашките критериуми

Македонско знаме /Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

 Во рамките на работнатa посета на Кралството Данска, министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска се сретна со неговиот колега, министерот за надворешни работи, Јепе Кофод на која главна тема беа европерспективи и очекувања на Северна Македонија – имплементација на одлуката од март, мината година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција.

Како што соопшти МНР, во таа смисла министерот Османи ги поздрави заложбите на Данска за одржување на динамиката во процесот на проширување на ЕУ според воспоставените критериуми и се заблагодари за нивната принципиелна поддршка за евроатлантската и за европската амбиција на Република Северна Македонија.

 

Кофод, се посочува, ги поздрави остварените резултати на нашата Влада со цел зајакнување на демократијата и владеење на правото, при што ја истакна нужноста од континуирана и посветена имплементација на европските стандарди и реформските цели. Тој порача дека Данска останува силен поддржувач на евроинтегративните перспективи на Република Северна Македонија со верба дека набргу и формално ќе почнат преговорите за пристапување во ЕУ.

Фокусот кон реформите и напредокот во клучните области, исполнувањето на  добропознатите „копенхашки критериуми”, кои и со новата методологија не се изменети, како и продлабочување на добрососедските односи и натаму остануваат наш приоритет, и во периодот кој претстои. Северна Македонија испорача на сите полиња и заслужува валоризација на остварениот напредок. Формалниот почеток на преговорите е само симболичен почеток на долгиот пат на трансформација, но важен сигнал и неопходно охрабрување до целиот регион кој ќе го зацврсти кредибилитетот на евро-интеграцискиот процес.  А тоа ни е важно на сите, особено нам – земјите од регионов, затоа што европската идеја е таа која нѐ обединува околу современите вредности, истакна Османи.

 

Соговорниците на средбата, се додава, разговараа и за неодамна започнатиот процес на стратешка рефлексија во земјите членки и на ниво на ЕУ во рамки на Конференцијата за иднината на Европа, при што, како што се посочува, Османи му порача на Кофод дека ние сме подготвени, согласно својот статус како кандидати за членство да го дадеме својот скромен придонес што ќе овозможи позитивен импулс за унапредување на севкупната европска агенда.

Двајцата министри разменија мислења, предлози и сугестии и за натамошно унапредување и продлабочување на билатералната соработка, со нови содржини во сите области од заемен интерес, ставајќи посебен акцент на интересот и потребата од засилување на економската соработка, преку идентификување на можниот интерес за инвеститорите и за интензивирање на трговската размена.

На Агендата на Османи во Данска е и средбата со Жан Елерман-Кингомбе, државен секретар во Кабинетот на премиерката Фредериксен, каде повторно, како што се наведува, ќе доминираат темите за европското досие на земјата.

За време на посетата на Копенхаген, Османи ќе се сретне и со повеќе наши граѓани, како и со претставници на повеќе здруженија на дијаспората на Република Северна Македонија во Данска, стои во соопштението од МНР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот