Потресна психолошка приказна за човекот кој го разбуди Џокерот во себе
Момчето кое е родено да им носи „радост и насмевка“ на луѓето, да ги гледа сите насмеани и среќни, всушност е некој кој е душевно болен, личност која е толку многу разочарана од сопствениот живот, но и од самиот систем и општество во кое живее, што по низа бурни настани, одеднаш ќе се претвори во негативен и мрачен лик – Џокер.
Приказната за познатиот негативец од Ди-Си комикс стриповите, Џокер, овојпат претставен преку ликот на Хоакин Феникс, е во режија на Тод Филипс, а за филмот уште пред да започне да се прикажува ширум светските кино сали, постоеја огромни очекувања.
По неколкунеделно прикажување слободно можеме да кажеме дека ги оправда очекувањата, барем така покажува статистиката кога ќе ја погледнеме моменталната заработка, во однос на вложените пари за создавање на филмот.
Но, не се само бројките оние кои укажуваат на тоа, филмот навистина вреди да се погледне и тоа од повеќе аспекти.
Првичните критики и коментари најмногу се однесуваа на улогата на Хоакин Феникс, кој уште и пред филмот официјално да се појави, беше под лупа на јавноста за тоа дали ќе ги оправда очекувањата.
Иако станува збор за актер со широка лепеза на улоги зад себе, не знам колкумина очекуваа дека Феникс ќе ги надмине Хит Леџер или пак Џек Николсон, кои досега се појавуваа во улогата на Џокер.
Но, преку една неверојатна потресна приказна за животниот пат на Артур Флек, човекот кој стана Џокер, актерот Феникс не ги оправда, туку слободно може да се каже дека ги надмина очекувањата.
Маестрална улога која заслужува највисоко признание
Феникс, во улогата на Артур Флек, ни покажува што значи некој да се соживее во својата улога до тој степен, што дури на моменти, преку низа вознемирувачки сцени кои се превираат низ филмот, навистина ќе помислите дека се претвора во немилосрден сериски убиец.
Рахитичен човек, кој постојано ја шири својата несекојдневна гротескна смеа, која е последица на негово ментално пореметување, а всушност е кловн, чиј најголем сон е да стане стенд-ап комичар, е предизвикот кој на свој грб во овој филм го носи актерот Феникс.
Како Артур станува Џокер, откриваме преку тешките сцени за гледање, иако се присутни и комични моменти. Но, без разлика дали приказната ви се допаѓа или не, она што е евидентно и никој кој го гледал филмот не смее да го негира е маестралната улога на главниот лик.
Секој негов потег е добро измерен. Феникс буквално се претвора во Артур, па подоцна и во Џокер, а иако на секој актер основната задача му е да се трансформира во својот лик, сепак мора да се признае дека улогата негативец, а посебно негативец со душевно пореметување во тежок психолошки трилер е најтешко да се одглуми.
Поради сето тоа, Феникс ги заслужува сите кредити за начинот на кој ја манифестира улогата, па иако доделувањето на најпрестижните филмски награди е далеку, слободно може да се каже дека Хоакин одигра за Оскар!
Секој во нас носи по еден „Џокер“
Не знам какви беа вашите очекувања за филмот, но бев пријатно изненаден што ова не е класично суперхеројско остварување. Напротив, ова е фасцинантен психолошки трилер, во кој ескалира разочараноста на еден човек од сопствениот живот и од неправдите во општеството.
Приказната за човекот кој работи како кловн и животот му лепи толку многу „шамари“, сѐ додека тој еднаш не се претвори во Џокер, ни го прикажува револтот и гневот кој може да се појави во секој од нас.
Преку овој филм сфаќаме дека сите длабоко во себе носиме по еден скриен Џокер, па само прашање е дали некогаш ќе го разбудиме.
Во филмот, Џокерот кој се буди во Артур Флек, оди до тој степен што на крај го претвора во убиец, но неговата поента е јасна – Сите сме погодени од социјалните неправди, само потребно е да го избереме вистинскиот начин да делуваме против нив.
Флек на крај станува Џокер, негативецот од стриповите, и овде веќе тој е антихерој, но џокерот кој би се разбудил во нас, може да биде мотивација за личност која ќе се обиде да внесе позитивни промени во општеството – бидејќи секоја промена почнува прво од нас самите.
Во продолжение не сакам да ви изнесувам повеќе спојлери за филмот доколку сѐ уште го немате гледано, само би можел да наговестам бројни драматични и бурни сцени, но и глума каква што сите сакаме да гледаме.