
Потрага по продавачи на сладолед – бугарските угостители нудат „подебели“ плати
Бугарското летувалиште Сончев брег се подготвува за рекордна летна сезона, а хотелиерите и рестораните се соочуваат со сериозен недостиг на работна сила. За да се обезбедат потребните 200.000 работници, бизнисите се подготвени да понудат повисоки плати, при што платите се зголемени за најмалку 10% во споредба со минатата година. Рецепционерите започнуваат со 1.600 лева, а работниците на скара можат да сметаат на 1.900 лева месечно. Во кујната, готвачите добиваат од 4.000 до 5.000 лева, работниците за миење садови добиваат 1.700 лева, а келнерите и шанкерите почнуваат од 2.000 лева при што многу работодавци нудат и процент од прометот. Најголеми примања има во дискотеките и ноќните клубови, каде келнерите заработуваат најмалку 5.000 лева месечно, напиша Флагман.бг.
Препорачано
Во одморалиштата се бараат и продавачи на сладолед за 80-100 лева дневница, а за аниматорите, главно студенти и ученици, надоместокот варира од 1200 до 1400 лева. Според Веселин Налбантов, потпретседател на Бугарската асоцијација на хотели и ресторани (БХРА), цитиран од БНР-Бургас, раните резервации се одвиваат подобро од минатата година, што навестува значително зголемување на туристите. Сепак, недостатокот на кадар останува најголемиот проблем. „Во 1990-тите, 30.000 луѓе работеа за 30.000 туристи во Сончев брег. Денеска гостите на одморалиштето надминуваат 700.000, а во секторот се вработени само 50.000 луѓе. За да го одржиме нивото на услуга ни требаат уште 200.000 работници, но едноставно ги нема“, објаснува Налбантов, пренесува Телеграф.бг.