
Постот ја прочистува душата, ама и паричникот
Граѓаните бегаат како попарени, кога ќе ги видат картончињата со цените на доматите, краставиците, пиперките, но на модрите домати, тиквичките или печурките, а најхрабрите земаат по едно или две парчиња, но никако на кило. Периодов речиси и да нема домашни раноградинарски производи, па на тезгите се топорат зеленчуци од Грција, Турција и Албанија
Седумнеделниот пост до Велигден, вклучително и оној за Рамазан, не ја прочистува само душата, ами и паричникот, бидејќи се паѓа во период кога цените на зеленчукот и овошјето „врескаат“ со нивната скапотија. Граѓаните бегаат како попарени, кога ќе ги видат картончињата со цените на доматите, краставиците, пиперките, но на модрите домати, тиквичките или печурките, а најхрабрите земаат по едно или две парчиња, но никако на кило.
Препорачано
Периодов речиси и да нема домашни раноградинарски производи, па на тезгите се топорат зеленчуци од Грција, Турција и Албанија. Пазарџиите велат дека треба да поминат уште најмалку десетина дена за да излезат првите зеленчуци од македонските топли леи, но предупредуваат да не очекуваме драстични поевтинувања. По обичај, во првите четири месеци од годината, кај нас претежно се увезува зеленчук и овошје од Турција, Грција, Албанија и од Србија. Со Србија и Албанија, кои се во ЦЕФТА, немаме царини, а со Грција и Турција има, плус се плаќа и 5 отсто ДДВ за увезеното овошје или зеленчук.
Во моментот цената на килограм свежи краставици се движи од 100 до 182 денари, иако има и градинарски по цена од 80 денари, но кои може да горчат. Не попуштаат и доматите, кои почнуваат од 130 до 170 денари, но рекордери се пиперките зелени и црвени, кои се продаваат и до 270 денари. Малку поевтин е спанаќот што се продава за 80 денари килограм, додека зелената салата може да ја најдете и по цена од 50 денари за парче. Увозната ајсберг салата, која е пакувана во целофан и личи на млада зелка, достигна 200 денари за парче, компирот чини 40 и 50 денари, а така се продаваат и морковите.
Дури и китките магдонос или рукола не се поевтини од 30 до 40 денари.
Земјоделско информативниот портал што ја следи состојбата на зелените пазари во државава, покажува дека во моментот граѓаните на Гостивар јадат најскапо овошје и зеленчук, додека неготинчани може да се пофалат со умерено најниски цени. Најскапи во моментот се мандарините, кои чинат 90 денари, додека за 10 денари поевтини се бананите.
– Сè е од увоз и одиме со минимална заработка. Доматите ги набавувам наголемо по 115 денари, краставиците по 140 денари, а пиперките по 240 денари. Зеленчукот и овошјето се полни со вода и следниот ден веќе мора да се продаваат и под набавната цена. Граѓаните се лутат, но вината не е кај нас. Покрај закупот на тезгата, годишно плаќам паушален данок од 15.000 денари, повеќе од некоја продавница – вели еден пазарџија од Скопје.
Увозниците затворени, ама тоа не се гледа во понудата!?
Иако минатата недела, пазарната инспекција соопшти дека затворила три големи увозници на зеленчук и овошје, на пазарите не се чувствува недостиг, а тезгаџиите велат дека состојбата на Кванташкиот пазар е иста како и претходно и дека ниту еден магацин не е затворен.
– Ако е така како што велат инспекторите, тогаш нема да има зрно зеленчук и овошје. Нека почнат веќе да ги кажуваат по име оние што го кршат законот и ставаат огромни маржи – брифираат пазарџиите.