Постојат 50 отсто шанси за нова ерупција на вулканот на Белиот остров

Новозеландскиот Истражувачки институт ГНС предупреди дека постојат 50 отсто шанси во следните 24 часа да дојде до нова ерупција на вулканот на Белиот остров, која би можела да биде со слична јачина.

– Проценивме дека во следните 24 часа веројатноста дека нема да дојде до нова ерупција е иста како и дека ќе дојде до помала или слична, а која ќе го погоди главниот под на кратерот. Постои исклучително мала веројатност дека каков бил налет на пепел ќе стигне до копното, но гасот може да се раствора зависно од моментната насока на ветрот, изјави вулканологот Геф Килгур.

Предупредувањето за ерупција на вулканот останува на нивото три, што укажува дека се случуваат мали локални ерупции.

Австралискиот премиер Скот Морисон изјави денеска дека 11 државјани на Австралија се водат како исчезнати, додека 13 се хоспитализирани по ерупцијата на вулканот на Нов Зеланд.

Се претпоставува дека тројца од петте жртви од ерупцијата се австралиски државјани, истакна Морисон.

– Стравувам дека информациите ќе бидат и полоши во текот на денешниот или следните денови. Ова е ужасна трагедија, додаде австралискиот премиер.

Вкупно 24 австралиски државјани, на возраст од 17 до 72 години, биле дел од групата, која со крузер пристигнала на белиот остров да го истражува вулканот кога дојде до негово активирање.

Од вчерашната ерупција, сеизмичките активности се намалиле, меѓутоа ГНС наведува дека и понатаму се набљудува локалното испуштање на пареа и кал од активниот вентилациски простор.

Се претпоставува дека луѓето кои се наоѓале во близина на езерото, при ерупцијата веројатно биле погодени од топла вода, камења, предмети и имале проблеми со дишните патишта. Хоспитализираните имале изгореници, повреди од експлозија и проблеми со дишењето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот