Постои ризик од недостиг на храна поради влијанието на коронавирусот
Во периодот што претстои клучна е меѓународната соработка.
Светската здравствена организација (СЗО), Обединетите нации и Светската трговска организација (СТО) денеска предупредија сека постои ризик од „недостиг на храна” во светот, како резултат на влијанието на коронавирусот врз светската трговија и синџирите на снабдување.
„Несигурноста околу достапноста на храна може да предизвика ограничувања на извозот, што може да создаде недостиг на светскиот пазар”, се наведува во заедничкото соопштение на шефот на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), Кју Донгју, генералниот директор на СЗО, Тедрос Адхан Гебрејесус и директорот на СТО, Роберто Азеведо.
Трите организации ја истакнуваат важноста за одржување трговска размена, „особено за да се избегне недостигот од храна”.
Тие изразуваат загриженост за „забавувањето на циркулацијата на работниците во земјоделската и прехранбената индустрија”, што сметаат дека ќе загрози многу западни земјоделци, како и „застојот на границите за контејнерите со стока”, што може да доведе до расипување на храната.
Заедно ја нагласуваат потребата за „заштита на вработените во производството, преработката и дистрибуцијата на храна” за да се минимизира ширењето на вирусот во тој сектор.
Нагласуваат дека во овој период меѓународната соработка е клучна.