Постои голем јаз меѓу локалната власт и граѓаните

Совет на Град Скопје
Совет на Град Скопје, Фото: Архива

Анализите покажале дека 70 проценти од општините не користат социјални мрежи за да ги информираат граѓаните за буџетскиот процес, а дури 90 проценти од нив немаат ниту објави за некакви активности што ги спровеле за граѓаните.

Граѓаните сметаат дека постои делумна транспарентност во локалниот буџетски процес, 89,6 отсто од граѓаните не го виделе општинскиот буџет или неговата граѓанска верзија (т.е. поедноставена презентација на општинскиот буџет), додека 95,1 отсто од граѓаните ја немаат видено завршната сметка на општинскиот буџет во последните две години, покажува индексот на отворени општини на Здружението за анализи и истражувања ЗМАИ. Просечната оценка за отвореноста на сите 80 општини во земјава, плус Град Скопје, се движи од 21 до 40.

Анализите исто така покажале и дека 70 проценти од општините во државата не користат социјални мрежи за да ги информираат граѓаните за буџетскиот процес, а дури 90 проценти од нив, немаат ниту објави за некакви активности кои ги спровеле за граѓаните.

– Постои голем јаз помеѓу локалната власт и граѓаните. Интервјуата со вработените во локалната самоуправа покажаа дека општините организирале формални активности за вклучување на граѓаните во процесот на подготовка на буџетот, главно јавни дебати. Сепак, се чини дека граѓаните имаат мал интерес за учество. Од друга страна, пак, само 19,2 отсто од испитаниците сметаат дека општината целосно ги консултира граѓаните во буџетскиот процес. Затоа ја истакнуваме потребата да се поттикне локалната власт да ги подобри формалните канали на вклучување на граѓаните во буџетскиот процес – изјави Виктор Митевски, претседател на ЗМАИ за „Слободен печат“.

Нема ниту една општина, додава тој, со сеопфатна отвореност на своите буџетски процеси.

– Богданци е единствена општина со задоволителна отвореност на буџетските процеси, а дури 24 општини својот буџет во 2020 година не го отвориле доволно кон граѓаните. Не може да се тврди дека руралните општини заостануваат во овој процес, но според истражувањето во сите три димензии на отвореноста, поголем е бројот на минимална и недоволна транспарентност, вклученост и праведност и одговорност, на руралните општини отколку кај урбаните – вели Митевски.

Според истражувањето, само 19,2 отсто од испитаниците сметаат дека општината целосно ги консултира граѓаните во буџетскиот процес, додека 29 отсто од испитаниците сметаат дека воопшто не ги консултира. Притоа, 31,8 отсто од граѓаните рекоа дека поднеле предлог за проект или активност до локалната влада. Од овие предлози биле прифатени само 10,3 отсто.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот