Постизборниот пат во Бугарија е лоша вест за Македонија

epa09108201 A cleaning employee sweeps in front of campaign posters of Bulgaria's centre-right ruling GERB party with pictures of Bulgarian Prime minister Boyko Borissov in Bankaj, Bulgaria, 31 March 2021. Bulgaria will hold parliamentary elections on 04 April 2021. EPA-EFE/VASSIL DONEV

Прво, самото составување на влада е неизвесно, и можеби добра вест е дека влегувањето во парламент на националистот Каракачанов виси на конец, но лоша вест е што сега веќе втората по сила политичка опција, партијата на Слави Трифунов има изразено антимакедонски позиции.

Сосема очекувано во соседна Бугарија на парламентарните избори победи партијата ГЕРБ на актуелниот премиер Бојко Борисов, а сосема изненадувачки, втора политичка сила во Бугарија стана партијата “Таков народ има” на Слави Трифунов.

Така партијата на Борисов освои околу 55% од гласовите, “Таков народ има” доби доверба кај 25% од гласачите, досега најсилната опозициска партија БСП освои 15%, а ВМРО на Каракачанов со 3,55 виси на прагот од потребните 4% за влез во парламентот.

Со оглед дека партијата на шоуменот Трифунов најави дека нема да коалицира со ниедна политичка сила која досега “ја држела Бугарија во грч”, составување на влада ќе биде многу тешко за Борисов во парламентот од 240 места, каде за мнозинство се потребни 120 пратеници. Свесен за состојбата Борисов уште синоќа на полноќ веднаш понуди составување на експертска влада која би ја водела Бугарија до Декември, за да се избори со пандемијата, по што би можело да се оди на други избори. И додека во Бугарија следува неизвесен политички период јасно е дека изборниот резултат е лоша вест за македонските евроинтеграции.

Представници на македонската влада, од кои последен е министерот за надворешни работи Бујар Османи често ширеа оптимизам дека псоле изборите во Бугарија може да дојде до раздвижување на преговорите за македонско-бугарскиот спор. Но сега е очигледно дека тоа е последна работа на агендата на бугарските политичари.

Прво, самото составување на влада е неизвесно, и можеби добра вест е дека влегувањето во парламент на националистот Каракачанов виси на конец, но лоша вест е што сега веќе втората по сила политичка опција, партијата на Слави Трифунов има изразено антимакедонски позиции. Доколку по некое чудо Борисов и успее да формира влада во неа ќе мора да биде некоја од партиите која има тврди ставови во однос на Македонија. И доколку самиот Борисов досега беше перцепиран како “добриот дечко” во однос на Македонија прашање е колку е тоа навистина така.

Бојко Борисов се покажа како идеолошки близнак на неговиот македонски колега Зоран Заев, а заедничко на двајцата име што нивната главна движечка идеологија е прагматизмот. Па така Борисов дојде во Скопје и се поклони на гробот на Гоце Делчев, исто како што и Заев се обиде да најде средина со бугарските позиции. Но се покажа дека ставот на Борисов е неодржил во однос на бугарските тврди ставови во однос на македонското прашање кои постојат не само кај ВМРО на Каракачанов и останатите субјекти, туку и во самата ГЕРБ на Борисов.

Да се подсетиме дека министерката за надворешни работи и главниот “јастреб” на бугарската политика кон Македонија е од ГЕРБ, исто како што е и Андреј Ковачев, европратеникот кој се чини е опседнат со македонското прашање. Во втората можна опција, доколку Борисов успее да издејствува формирање на експертска влада, тешко може да се замисли дека такво тело би се зафатило со решавање на толку тешко историско прашање како што е македонското.

Експертите кои би ја составувале владата би се сконцентрирале на состојбата со Ковид пандемијата и бугарската економсија а прашањата со Скопје би биле замрзнати. Никој не може да очекува дека таков експертски панел би бил подготвен да превземе одговорност за решавање на историски спор, и потоа да биде запамтен како “предавник” во Бугарија.

Останатите опции во бугарската политичка разврска преставуваат давање на мандатот од страна на претседателот на втората, третата и натаму политичка опција која би требало да формира влада. Доколку не успеат, што е повеќе од извесно, Бугарија ќе оди на повторни избори.

Кога ќе ги анализираме сите опции во однос на преговорите со Македонија, јасно е дека состојбите ќе останат статус-кво. Оптимизмот кој го шират македонските министри за можен почеток на преговорите во Јуни, засега се чини прилично неоправдан. И да се подсетиме дека од Јуни претседавач со ЕУ наместо Португалија станува Франција, што покрај изјавите на француските представници не представува добра вест за европските интеграции на Македонија и Албанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот