Постизборна Бугарија: Што (не) вети Слави Трифонов?

Фото: EPA-EFE

Во своето постизборно видео обраќање минатата недела, Трифонов претстави некои од основните задачи со кои треба да се занимава новата влада предводена од неговата партија „Има таков народ“

Фокусот на сите политички дискусии во последните денови во Бугарија е составот на нацрт-владата, што ја претстави Слави Трифонов. Ова е несомнено значајно и веројатно ќе биде причина за успехот или неуспехот на кабинетот при неговото гласање во Националното собрание.

Но, има нешто друго што засега останува во втор план – во истото видео од минатиот понеделник, водачот на „Има таков народ“ (ИТН) наведе неколку специфични приоритети што рече дека владата мора да ги исполни. Прашањето за астронаутите стана најпопуларно, но ако тоа, за момент, го оставиме настрана, важни заклучоци може да се извлечат за други теми.

Претставените јасни и концизни цели се многу полесно разбирливи и соодветни за гледачите. Сепак, од списокот со приоритети се гледа дека станува збор за програма со која се бара поддршка. Се предлагаат мали, лесни за спроведување или веќе скоро спроведени и не толку значајни мерки, кои се далеку од заложбата од пред само неколку дена, дека „ние треба да ја градиме нашата земја одново, толку е здодевно“.

На пример, меѓу наведените приоритети воопшто не беа спомнати корупцијата и борбата против неа. Реформите во судството се сведоа на отстранување на специјалното правосудство, а немаше ниту збор за главниот обвинител Иван Гешев, како и за големите политики – „Зелениот договор“ на ЕУ, демографијата, образованието и здравството. Финансиската и економската рамка до која ќе се придржува кабинетот исто така не беше објавена – даноци, државни компании, инвестиции, пензии итн.

Според извори на „Капитал“, конкретната владина програма сè уште се пишува и веројатно ќе биде готова следната недела. Сепак, сè уште не е можно да се каже дали таа може да биде основа за преговори за поддршка од другите партии. Не е јасно и дали воопшто програмата ќе стане јавна, ако кабинетот биде одбиен од останатите пратеници.

Затоа, во овој момент може да се направи само анализа на задачите објавени од самиот Трифонов…

Изградба на градинки за сите деца

Вистински проблем со местата во градинките има само во Софија, а неговото решавање е целосно во надлежностите на општинската администрација. Иако беа преземени некои чекори во оваа насока во последните 10 години, бројот на места што недостасуваат не е намален – од една страна, не се изградени повеќе од 30 нови градинки (иако Бојко Борисов зборува за илјадници), а од друга, Софија порасна во текот на изминатата деценија, претежно со млади луѓе.

Дискутабилно е и степенот до кој владата може да го реши овој проблем – минатото лето, кабинетот „Борисов 3“ одвои 50 милиони лева (ветувајќи вкупно 160 милиони лева) на општината Софија за изградба на градинки, но сè уште нема вистински ефект од ова.

 Изградба на нова детска болница

Ова е приоритет на сите политички партии претставени во парламентот од почетокот на транзицијата, бидејќи во Бугарија таква болница, едноставно, не постои. Во моментов, течат две постапки за градење детски болници – во Софија и во Бургас. Од изјавата на Трифонов не е јасно дали болницата во Софија ќе биде завршена според тековниот договор потпишан од владата на ГЕРБ или овој договор ќе биде раскинат и ќе се бара ново место за болницата, со нов тендер за избор на компании кои ќе го дизајнираат и градат.

Набавка на хеликоптери за медицински и спасувачки цели

Ова е несомнено важен и неопходен чекор, задоцнет во спроведувањето. Факт е, сепак, дека на крајот од својот мандат, кабинетот „Борисов 3“ започна постапка за набавка на медицински хеликоптери, а привремениот кабинет на Стефан Јанев вклучи таква мерка во ревидираниот план за обновување и одржливост. Од оваа гледна точка, поставувањето на таков врвен приоритет за можна влада на ИТН е повеќе потврда на тековните политики, отколку нешто ново. Сепак, хеликоптерите не се толку специфични во изборната програма на партијата на Слави Трифонов, која е објавена на нејзината веб-страница.

Концесија за изградба на автопати

Идејата за концесии на автопатите не е нова и за последен пат се покрена од владините кабинети во периодот 2001-2009 година, што може да се земе како јасен знак за влијанието на Николај Василев и другите кадри од времето на владата на царот врз политиката на ИТН. Таков бренд целосно недостасува во изборната програма на ИТН, каде што специфичните автопати дури не се ни споменуваат, туку само патемно се спомнува „изградба на нови автопати“.

Во суштина, идејата за градење патишта преку јавно-приватно партнерство или концесија не е нужно лоша. Ваквите практики успешно функционираат во голем број европски држави и често постигнуваат подобри резултати во однос на квалитетот на спроведувањето и роковите, во споредба со опцијата во која државата управува само со патната инфраструктура. Во Бугарија, примерот со последната таква инвестиција е многу неуспешен, иако тоа беше врвен приоритет на последните три или четири влади.

Лаптопи за сите ученици и наставници и обезбедување софтвер за образовниот систем

Вкупниот број на сите ученици и наставници во Бугарија е околу 800.000, а минатата година поради транзицијата кон учење преку Интернет за некои од нив веќе беа купени уреди, а наскоро се очекува да пристигнат 80.000 лаптопи во рамките на програмата „Реагирај-ЕУ“.

Но, вистинското прашање е за што ќе се користат таблетите, лаптоповите, интерактивните табли и сите други дигитални уреди? Тие се единствените алатки што можат да го збогатат образовниот процес, но не можат да бидат цел сами по себе.

Сепак, во изборната програма на ИТН нема јасна и аргументирана стратегија за реформа на образованието – ниту за градење на компетенции кај учениците, ниту за соодветна поддршка и квалификација за наставниците кои би биле во центарот на образовната реформа, ниту за интеграција на современите технологии во образовниот процес. Всушност, таблетите за секој ученик отсуствуваат од објавената програма ИТН. Лаптоп за секое дете е меѓу предлозите на Маја Манолова.

 Почеток на приватизација на Бугарската развојна банка (БРБ)

Трансформацијата на БРБ во касичка-прасичка за омилените олигарси секако треба да запре. Поради портфолиото и договорите со други меѓународни банки акумулирани со текот на годините, ликвидацијата на БРБ е скоро невозможна. Тешко дека ќе се најде стратегиски финансиски инвеститор заинтересиран за државната структура – а класична комерцијална банка не би толерирала фокус само врз малите и средни претпријатија и обезбедување портфолио гаранции на конкурентите, при што бугарскиот банкарски пазар не привлекува нови странски инвеститори . Единствениот логичен интерес во оваа насока би бил само банкарската лиценца, што е крајно тешко да се добие. Затоа, пуштањето акции на берзата изгледа поверојатно како можен потег, што ќе овозможи поголема контрола и транспарентност. На кратко, приватизацијата од страна на нормален купувач е прилично невозможна. Што предизвикува сомнежи дека целта е сегашниот олигархиски паричник да се преземе од друг мрачен сопственик.

Драматично подобрување на транспарентноста во јавните набавки со конкурентни процедури и почитување на Законот за јавни набавки

Сето ова звучи добро и не е тешко да се спроведе во пракса. Нема потреба од измени во законодавството, бидејќи дури и сега Законот за јавни набавки предвидува транспарентно трошење на јавните средства, конкуренција во понудите, експертско и независно оценување и квалитетот на имплементацијата. Проблемот е во тоа што институциите намерно бараа можност да избегаат од оваа рамка, а контролните тела честопати замижуваа на повредите. Значи, решавањето на овој проблем не се прави со политички изјави, туку само со политичка волја за спроведување на законот.

Другиот клучен елемент е систем за регулирање на ефикасна и независна работа на регулаторните тела. Регулаторите не се споменуваат во програмата на ИТН.

 Брзи кратења на државната администрација

Администрацијата е неефикасна и надуена, и ова не е новост. До 2020 година, бројот на централната администрација е околу 110.000 луѓе и идејата за „затегање“ на нејзините редови звучи добро. Но, без анализа за тоа кои единици се потребни и треба да се зајакнат и кои се вишок во контекст на следните чекори за е-влада, ефектот, всушност, може да биде спротивен. Со можност процесот да дегенерира во чистка по политички принцип, со што, сепак, ќе заминат пристојни професионалци.

 

Воведување на дигитализација на услугите

Ова е достапно во ИТН изборната платформа и се спомнува најмалку 20 години. Големиот предизвик тука не е само да се дигитализираат аналогните услуги на службениците, туку да се создадат вистински електронски услуги кои не го следат патот на хартијата. Само тогаш ќе се постигне вистински ефект. Се разбира, ова е поврзано и со оптимизацијата на самата администрација, што е тешко да се прифати од политичка гледна точка – армијата службеници, вообичаено, се добар електорат.

Промена на изборниот систем

Мнозинскиот изборен систем и субвенцијата за 1 лев по глас се две од прашањата на референдумот во 2016 година организиран од „Шоуто на Слави“. Значи, тука нема изненадувања. Што се однесува до електронското гласање, ова исто така беше предмет на национална консултација во 2015 година, но не ги собра потребните гласови. Сепак, оваа мерка е вклучена во изборната програма на ИТН, а во последнава пандемиска година можноста за гласање од далечина станува сè попосакувана и неопходна.

 Затворање на специјализираниот суд и обвинителство

Кога се зборува за сеопфатна, концептуална и радикална реформа на судството, не со месеци, туку со години, затворањето на Специјализираниот суд и Специјализираното обвинителство како приоритет може да значи две работи:

  1. Целосно неразбирање на она што се очекува од судската реформа во Бугарија;
  2. Желба за промена на темата, што пак значи недостаток на сериозни намери.

Несомнено, затворањето на „специјализираната правда“ е приоритет што може да се спроведе веднаш, бидејќи и во претходниот парламент имаше сериозен договор за ова, а законот дури го помина и првото читање. Но, токму затоа, оваа тема е најбезбедна меѓу сите други аспекти на судските реформи. Во исто време, во последните два месеци, дури и моментумот креиран во претходниот парламент за затворање на овие институции беше донекаде убиен со одредбата дека нивната работа допрва треба да се анализира (а каде беа институциите до сега?) и „да се седне да се размисли“ како да се распределат предметите во специјалните судови и обвинителства.

Толкувањата дека Слави Трифонов ја наметна темата за „специјалната правда“ само затоа што е разбирлива, а и привлечна за просечниот Бугарин, не звучат убедливо. Далеку поразбирлива и попривлечна е, на пример, тезата за неопходното брзо отстранување на главниот обвинител Иван Гешев, која Слави храбро ја разви пред само неколку дена во интервју за францускиот весник „Монд“, објавувајќи дека Гешев е недораснат за функцијата.

 Забрзана изградба и пуштање во употреба на гасниот интерконектор со Грција

Овој проект, за разлика од „Турски поток“, кон кој ГЕРБ ги насочи сите државни напори, е важен за диверзификација на снабдувањето со гас. Преку гасната врска со Грција, Бугарија ќе може да прими доволно големи количества на гас освен рускиот, како и да го обезбеди потребниот капацитет за можна транзиција на електраните на јаглен во природен гас. Сепак, со посебното приоретизирање на овој проблем за идната влада ќе биде тешко да се промени нешто – гасоводот ќе биде готов до крајот на годинава и ќе проработи до средината на 2022 година. Многу е поважно да се наведе јасна политика и да се работи на нови договорни односи со „Гаспром“, бидејќи сегашните истекуваат на крајот на следната година. Идната влада треба да постави и цели за „Зелениот договор“ и енергетската транзиција, кои се важни за целиот економски развој на земјата.

 Потврда на апликацијата на Бугарија за членство во ОЕЦД, во Еврозоната и во Шенгенскиот договор

Тоа беше барање за продолжување на евро-атлантските интеграции на земјата, што недостасуваше во изборната програма на ИТН. И тешко дека постои системска партија што не ги поддржува овие напори. Во летото минатата година, Бугарија стана дел од валутниот механизам ЕRМ II, кој претходеше на влегувањето во еврозоната. Во меѓувреме, Владата објави нацрт Национален план за воведување на еврото. Документот дава основа за тоа како ќе продолжи оперативната работа за замена на левот, а во него како индикативен датум за премин кон заедничката европска валута е наведен 1 јануари 2014 година. Дали ќе биде остварен, не зависи само од Бугарија, но ако не се напише „домашната задача“ (подготовката за еврозоната бара промена во еден закон, реформи, политичка волја), процесот може да трае неколку децении.

Бугарија исто така поднесе барање за членство во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и на почетокот на оваа година соопшти дека членовите на клубот на најразвиените економии во светот немаат консензус за целосен пристап на земјата и дека се бараат повеќе реформи – во судството, отстранување на пречките за конкуренција, надминување на нееднаквостите во приходите…

Бугарија и Романија, технички, се подготвени да се приклучат на Шенген зоната и да ги укинат граничните контроли меѓу нив и остатокот од ЕУ – ова го одобри Европската комисија уште во 2011 година. Во 2018, Европскиот парламент изгласа резолуција со која се повикува Софија да добие пристап до Шенгенскиот информативен систем. Сепак, пристапувањето не е само техничко прашање и ова е одамна јасно. Земји како Холандија, Франција, Германија и Финска продолжуваат да имаат политички аргументи против отворањето на областа кон Софија и Букурешт поради сомневања во можностите на бугарскиот систем за спроведување на законот и правдата. Иронијата е во тоа што овој отпор остана и откако поранешниот премиер Борисов не слушна директна критика кон себе пред Европскиот совет. Пристапувањето на Шенген на Бугарија, Романија и Хрватска е приоритет на ЕК и таа лобира за тоа. Една нова влада што ќе преземе брзи и одлучни чекори кон реформите и ќе поведе директни разговори со Берлин, Париз и Хаг може да го надмине овој отпор. Тоа ќе биде и „лакмусов тест“ за можноста на новиот кабинет да ги убеди бугарските партнери дека спроведува вистински промени.

 Апликација за членство во Европската вселенска агенција, праќање на маж и жена, бугарски астронаути и астронаут од Северна Македонија во НАСА

Како што напишаа македонските весници – Бугарија не нѐ „пушта“ во ЕУ, туку ќе нѐ праќа во вселената! Но, најточна за овој приоритет е старата шега во која разговараат Хитлер и Сталин. Хитлер вели: „Предлагам да убиеме 6.000.000 Евреи и три камили“. Сталин го погледна чудно и го прашува: „Зошто три камили?“ Хитлер одговара: „Помисли ли некој на Евреите?”

 

Преземено од „Капитал“ од Софија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот