Постигнат е концензус, центарот за зависници сепак ќе има дисперзирани пунктови

Постигнат е концензус кој овозможува да продолжи процесот за дисперзија на програмата за третман и превенција од зависности од Дневниот центар во Кисела Вода, во поликлиниките во Аеродром и Ченто, како и во Психијатриската болница во Бардовци. Дел од зависниците од дрога ќе се лекуваат како и досега во Центарот за зависници во Кисела Вода и во Општата градска болница „8 Септември“.

Ова денеска на брифинг со новинарите го истакна министерот за здравство Венко Филипче, откако вчера имаше средба со градоначалниците на општините Гази Баба и на Кисела Вода, Борис Георгиевски и Филип Темелковски, со директорот на Психијатриската болница Скопје, Ќамил Ковачи, со претставници на општините Аеродром и Карпош и со здруженија на граѓани.

Како што информираше Филипче, сите засегнати страни се согласни дека со дисперзијата сегашните 520 зависници кои ќе бидат распределени по околу 100 во секој од центрите, нема да имаат можност за создавање проблеми на населението, ниту пак ќе можат да манипулираат со терапијата, како што беше тоа случај до сега.

„Пациентите, терапијата ќе ја земаат во присуство на доктор, со тоа ќе се отстрани можноста за препродавање надвор од болниците, што значи дека и сегашната слика на расфрлени шприцови и игли комплетно ќе се заборави“, рече денеска Филипче.

Пунктовите во Јане Сандански и Ченто се скоро подготвени, треба да се купат уште сефови, по што ќе започнат со работа. Очекувањата се тоа да се случи до септември. Останатите пунктови се уште се подготвуваат, а се планира пунктови за лечење на зависници да се отворат и во поликлиниката во Ѓорче Петров, како и во Чаир и Шуто Оризари.

„Распределбата на зависниците на повеќе локации ќе значи и модернизирање на целиот систем, ангажирање на дополнителен кадар од психолози и социјални работници, кои освен фармаколошката терапија на пациентите ќе им даваат и психосоцијална поддршка, со што ќе можат да се ресоцијализираат во општеството“, додаде министерот.

Во моментов во државава од зависности се лекуваат вкупно 1950 пациенти, во 11 пунктови, во Скопје, Битола, Тетово, Штип, Кичево, Струмица, Гевгелија, Кавадарци, Велес, Куманово и Охрид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот