ПОСТИГНАТ ДОГОВОР Тачи: Во Тетово е завршена работата, победува ДУИ!

Менудх Тачи, лидер на ДПА, Фото: Архива

Во пресрет на вториот круг од локалните избори, ДУИ и ДПА се договорија за меѓусебна поддршка. Всушност, лидерот на ДУИ Али Ахмети очекува поддршка од гласачите на ДПА во општините каде што кандидатите на ДУИ одат на вториот круг, како Тетово, Теарце, Боговиње, Врапчиште, Гостивар, Струга, Чашка, па дури и во Чаир.

– Го заокруживме договорот. Јас и господинот Ахмети имавме разговори неколку денови. Договорот значи дека ДПА ќе ги поддржи кандидатите на ДУИ во сите општини, додека во Студеничани ќе имаме демократска трка меѓу нашиот кандидат и кандидатот на ДУИ, но овој пат централната власт нема да биде вмешана во кампањата за да биде битката најфер и најправедна, иако верувам дека ДПА има голема предност во Студеничани и секако ќе победиме – изјави Тачи.

Тој најави дека договорот со ДУИ е долгорочен и дополнително ќе ги откријат деталите.

– Во Тетово со овој договор е завршена работата. Победува кандидатот на ДУИ. Овој договор има перспектива за луѓето од ДПА. Во рамките на овој договор има многу институции на локално ниво, кои ќе ги водат луѓе на ДПА – подвлекува Тачи.

Дека овој договор е постигнат, за „Слободен печат“ потврдија и од ДУИ. Од ДПА на Мендух Тачи најавија дека во Скопје ќе го поддржат кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов.

Тачи најавува дека парламентарното мнозинство по локалните избори ќе брои 66 пратеници, бидејќи Алтернатива ќе биде дел од Владата.

– Заев и Ахмети не можат да кажат, но јас тоа го кажувам отворено. Работата со Алтернативата е завршена. Четворицата пратеници на Алтернатива ќе бидат поддржувачи на Владата и ќе бидат учесници во Владата. Заеви не го кажуваат ова, Ахмети не го кажува, затоа што не сакаат да предизвикаат шок во рамките на коалициските партнери – изјави Тачи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот