Постхумно објавената книга „Театарски белешки“ на Владо Цветановски ќе има промоција на ФДУ

Во дворот на Факултетот за драмски уметности – Скопје, на 27 јуни, со почеток во 21 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Театарски белешки“ на режисерот и професор Владо Цветановски. Книгата, која е во издание на ФДУ, ја приредија Јелена Цветановска и Андреј Цветановски, а дизајнот е на Сергеј Светозарев.

„Театарски белешки“ се избор на ракописи од Дневникот на Владо Цветановски, во кој се втиснати неговите размисли, слики и емоции кои го пресретнувале во потрагата по театарската вистина. Тие овозможуваат продлабочен увид во дел од богатиот творечки опус на Владо Цветановски и неговите истражувања на театарскиот јазик.

Во таа смисла, книгата е значајна и за проучувања на македонската театрологија, како и за историјата на македонскиот театар. Едновремено, белешките, навлегувајќи во сите фази од создавањето на театарската претстава, претставуваат и своевиден патоказ за студентите по театарска уметност, кој може да им биде од полза во процесот на подготвување за нивните професии во областа на театарот.

Книгата ќе ја промовираат проф. Мими Таневска-Србиновска, декан на ФДУ, и ликовниот уметник и сценограф, Владо Ѓорески-Рафик, кои се автори на предговорот и поговорот на „Театарски белешки“.

На промоцијата, извадоци од книгата ќе чита актерот Дамјан Цветановски, а ќе биде прикажан и документарниот филм за Владо Цветановски, во режија на Андреј Цветановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот