Посредување или мал оглед за (пост)вистината

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Денес на порталите што не се уредуваат, секој може да ја напише својата вистина. Тоа, за волја на вистината, делува многу демократски и многу привлечно, ама таквата привлечност е рамна на привлечноста на јавните „нужници“, дополнително избербатени.

Јавната сфера (или социјалните медиуми и интернет-портали) заситена од мноштво информации, продира во ентропија од која тешко може да се открие што е вистина, а што лага. Важно е да се слушаат компетентни и официјални информации на институциите, во спротивно – граѓаните стануваат лесен плен во лудите идеолошки проекти и наративи.

„Поствистина“ (или post-truth) во речникот стои дека станува збор за термин што означува околност во која јавното мнение повеќе ги обликува емоциите и личните верувања, отколку објективните факти. Денес е важно тоа што на публиката ѝ се допаѓа како идеја. Денес е важно она што „ја дразни“ (или пали) публиката, односно она вест што има најмногу предрасуди во себе. На тоа денес „се јава“ во медиумскиот простор. „Поствистина“ не е само лажење, туку тоа е и игнорирање на вистината.

Да одиме со еден практичен пример. Почина политичарот и лидер на Ромите, Амди Бајрам. Некој „вмровски“ бот на својот фејсбук-профил, откако човекот почина, го нарекува Амди Б. предавник, па тоа беше доволен аларм на неговиот  профил да се налепат слични идиоти и да ја продолжат низата од гнасотии, типично за сите некрофили што го гледаат Амди Б. исклучиво како Ром, но не и како човек, политичар и покојник. Потоа, глупоста во „информирањето“ да биде уште потрагична, порталите почнуваат да известуваат дека „Амди Бајрам ќе биде погребан во Алејата на великаните“, за по неколку часови да се јават од АД „Бутел“ и да кажат дека се работи за лажна вест, односно за дезинформација.

Натаму, медиумите (оние за кои сметаме дека се сериозни), објавуваат вест дека Амди Б. починал од корона, за по неколку часови да нѐ информира неговото семејство дека Амди Б. почина од мозочен удар. Гнасотијата во коментари продолжува и ден-денешен, септичката јама тече-ли-тече низ социјалните мрежи…

Неспорна вистина

Во историјата, имено, има премногу случаи во кои безобразно и дрско некоја стопати повторена лага станува вистина. И тука може да зборуваме за некои јавни „вистини“: Евреите се „второкласни“ битија кои треба да се исчистат заради доброто на човештвото. Во нацистичка Германија медиумите беа под апсолутна контрола на нацистите (не беа никакви посредници, туку апсолутни трансмитери на националсоцијалистичката пропаганда); парламентот, како посредник меѓу власта и народот беше запален (и буквално и метафорички), нацистичките судови ја потврдуваа нацистичката варијанта на случувањата, а нацистичките научници, како претставници на врвната компетенција, целата своја „фантазија“ ја насочуваа за пронаоѓање докази кои однапред беа донесени. Дека Евреите се ѓубриња, меѓу другото. По релативно кратката злоупотреба – која за милиони луѓе се претвори во вечност – нацистичките небулози се претворија во гротескна вистина, во лаги од кои се родија и, како во мрачна пештера, повторно се вратија.

Во демократско-политичкиот живот постојат мноштво посредници помеѓу власта и граѓаните: јавност – печатени медиуми како различна идеолошка перспектива; eлектронски медиуми во чие средиште е јавниот интерес што го плаќаат граѓаните (кај нас тоа треба да е МРТВ, ама за жал не е!); невладините организации; цела низа од институции вклучително и Јавниот правобранител (или омбудсман – заштитникот на граѓаните); судовите, парламентот. Како што знаеме, нацистите сите овие „ситници“ ги исчистија само за да можат да му се обраќаат на „саканиот“ народ и да може „саканиот“ народ непречено да комуницира со нив.

Тоталитарните режими почиваат на „чиста“ вистина, на непосредна вистина која се слуша единствено „низ устата“ на владетелот, со тоа што вистината во тоталитарни режими има една мала аномалија – не се работи, имено, за вистина, затоа што не постои посредник што таа вистина ќе ја оправда или ќе ја негира. Што значи, нема место за компетенција.

Проблемот со интернетот, како еден вид „непосредност“, претставува директен чекор во времето на „поствистина“ во демократските поредоци. Денес на порталите кои не се уредуваат, секој може да ја напише својата вистина. Тоа, за волја на вистината, делува многу демократски и многу привлечно, ама таквата привлечност е рамна на привлечноста на јавните „нужници“, дополнително избербатени. Или вака да го преформулирам: темната страна на интернетот е насилство од некомпетенција.

Без посредници

„Мислењето е како газот, секој го има“, велеше Хари Калахан, американски филозоф од Сан Франциско и полициски инспектор, кој доаѓаше преку многу драстични мерки до вистината. И тоа не е спорно, тоа де, секој да има мислење. Во класични медиуми, пак, оној што ќе помине „низ филтерот“ на уредувачката политика на главниот уредник, за него велиме дека има во себе некаква компетентност. За жал, нема санкционирање на глупавоста, што беше квалитет на „стариот“ јавен простор: ако еднаш, два или трипати се „покакате“, потоа никој нема да ве сака. Овде е возможно глупоста да се шири непречено и бескрајно.

Да се вратиме на крајот уште малку во „посредувањето“. Во западните демократии се губи посредувањето бидејќи се јавува сложеноста во јавниот простор: има премногу играчи кои имаат свои агенди, парадоксално, во инат на богатството од понуди. Јавната сцена толку многу е преплавена со безначајности, што од една страна е потиснат моделот на авторитетот, а граѓанинот е растргнат помеѓу емоциите и приватните верувања. Или во македонскиот контекст: многу повеќе се слушаат глупости, теории на заговор, омраза и клеветења, отколку пристојни, нормални и колку-толку втемелени аргументации.

Имено, авторитетот е нешто повеќе како тренер кого граѓаните го слушаат, настојувајќи да го надминат. Во таквата дијалектика помеѓу бунтувањето и слушањето се раѓа граѓанинот што е спремен да направи разлика помеѓу лагата и вистината. Таму, пак, каде што ќе ослабнат механизмите на посредувањето, се раѓаат Трамповци, Орбани, Качински, Путиновци, Маринлепеновци, Мицковци, Груевци итн. За почеток, или за крај, да го користиме умот. Барем оние што можат да си го дозволат. А, оние другите, (тјах!), ним секако им е сеедно, за таквите секогаш „сите се исти“, ако ме разбирате што сакам да кажам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот