ПОСЛЕДНИТЕ ТРАНСКРИПТИ ОД ИСЧЕЗНАТИОТ ХРВАТСКИ КАПЕТАН: „Брановите се високи 10 метри“
Француската бродска компанија Бурбон пред два дена објави дека од морето е извлечено четвртото тело на екипажот на потонатиот брод Бурбон Роуд. Станува збор за бродот со кој управуваше Дино Микшиќ, капетан од Хрватска. По него сѐ уште се трага, објави „Индекс.хр“.
Несреќата се случи на 26 септември во водите на Мартиник. Неколкудневната интензивна потрага резултираше со тројца спасени, четворица загинати и седум лица кои сѐ уште се исчезнати, меѓу кои се наоѓа и хрватскиот капетан.
Од ден на ден стигнаат информации за тоа што се случувало на кобниот ден, а порталот „Далмација данас“ објави транскрипти од разговорите на капетанот со надлежните пред самата бродска хаварија.
Транскриптите до редакцијата на порталот „Далмација данас“ ги доставил поранешен колега на Дино кој сакал да остане анонимен. Моментално, тој се наоѓа надвор од Европа, а информациите ги добил од добро проверени извори.
Во комуникациите може да се забележи дека капетанот ја предупредил компанијата и побарал итна помош. Но, бордот кој требал да им помогне, а за кој капетанот се распрашувал, никогаш не стигнал.
Според објавените транскрипти, капетанот на бродот првенствено во 8.45 часот испратил порака до надлежните за вонредна состојба, а 17 минути подоцна информирал дека бродот тоне, бидејќи влегува вода. За 13 минути, капетанот испраќа уште една порака за позицијата на бродот. Важно е да се напомене дека тие немале интернет, туку само одреден вид на радио комуникација, што е вообичаено за бродовите.
По три испратени пораки дека бродот тоне, надлежните одговараат по еден час и 14 миути од првиот повик за помош. Надлежните информираат дека помошта стига, и бараат дополнителни информации за тоа што се случува во пловилото.
– Цел екипаж е подготвен за напуштање на бродот, но не може да се спуштат сплавовите поради тоа што брановите се високи 10 метри или повеќе – информирал капетанот.
Во 10.52 часот, речиси час подоцна од претходната порака, капетанот вели дека повеќе не се во можност да ја испумпуваат навлезената вода во бродот.
По два часа комуникација за тоа дали функционира главниот генератор и други технички работи, капетанот Дино Микшиќ во 12 часот прашува кога точно стигнува бродот кој тргнал да помага, а по пет минути вели дека нивото на водата во бродот продолжува да расте.
Во 12.28 часот стига нова порака за техничката состојба на бродот, во која се додава дека водата и понатаму расте, што е и последната порака испратена од бродот.
Надлежните оттогаш испраќаат неколку пораки и се обидуваат да стапат во контакт со бродот, но без успех.
Во 16.30 надлежните потврдуваат дека терминалот на бродот е недостапен, а час подоцна одучуваат да ги контактираат семејствата на екипажот за потонувањето на бродот.
Експертите на „Далмација данас“ велат дека записите се автентични, бидејќи е препознатлив начинот на комуникација.
– Капетанот испраќал пораки бидејќи останатите во тој момент не работеле и се чекал последниот момент да се напушти бродот. Секогаш се чека последниот момент. Целиот екипаж работи во насока да се спаси што е можно повеќе, а ако тоа не е возможно, капетанот на разглас дава наредба за напуштање и се напушта бродот. Кога капетанот ја дал наредбата, брановите многу силно го нишале бродот од една страна на друга, па затоа било невозможно да ги спуштат сплавовите за спасување – смета експертот.