Последните 10 минути беа лоши за македонските кошаркарки против Германија

фото: kfsm.mk

Македонската женска сениорска кошаркарска репрезентација ги одигра своите најдобри, 20-25 минути во квалификациите за ЕП 2023, но и тоа не беше доволно да се стигне до сензационален резултат, да се победи против Германија која триумфираше во Скопје со 47:71 (16:18, 19:9, 9:19, 3:25).

Одлично им париравме на Германките од самиот почеток на средбата. Делувавме доста рамноправно, коректно во одбраната, трпеливо во нападот. Имавме само поен негатива во петтата минута (12:13), по реализацијата на Хемпе. Но во наредните две Германија погоди две тројки, и поведе со 18:12. Доволно за наш прв тајм-аут…И четири наши поени, за затворање првата четвртина, со сосема солидни 16:18.

Во онаа наредната, следуваше и нашите, веројатно најдобри 10 минути во овие квалификации. Едно нова Македонија се појави на теренот во СРЦ „Кале“. Уште пожестоки беа во дефанзивата нашите кошаркарки од што произлезе и повисок процент на реализација во нападот. Одлично функционираше нашиот нов адут, Мерит Хемпе, која беше и најзаслужна што во финалните четири минути од четвртината успеаме да се одвоиме од егал резултатот.

Поведовме со 29:25, потоа со 32:25, за по тројката на Хемпе Македонија изгради и највисоки 35:27, со кои се замина на големиот одмор. Она што го градевме во првото полувреме го чувавме седум минути во третиот период. Во онаа наредната фавориот стигна до нерешен скор (41:41), а веќе во наредниот напад и во водство од 44:41, кое со тројка го анулираше видно мотивираниот капитен на нашиот тим, Трајчевска.

Германија во последните 10 минут влезе со минимално водство (46:44). И наместо да се одржува оваа резултатска неизвесност, македонските кошаркарки потфрлија постигнувајќи само три поени, а противникот дури 25.

Хемпе беше најрасположена во нашите редови со 20 поени, а на спротивната страна 23 коша запиша Фибих. На табелата во групата „А“ води Белгија со седум бодови, колку што има и Германија, шест Босна и Херцеговина на третата позиција, а на дното останува Македонија со четири.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот