Последната европска депонија: Се печалат милиони на сметка на здравјето на македонските граѓани

Загадување на воздухот во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Најмалку две години, во периодот од 2018 до 2020 година, граѓаните во повеќе македонски градови биле труени со опасен мазут, увезен и користен од фирми кои притоа направиле милионски профити.

Со години наназад на социјалните мрежи или на интернет порталите ќе се појават фотографии и видеа од црн чад кој излегува од некој објект низ градовите во Северна Македонија, а паралелно со нив, мерните станици неретко забележуваат и драматичен раст на загадувањето и отровните честички во воздухот.

Обемно истражување на меѓународниот Известувачки проект за организиран криминал и корупција (ОЦЦРП) и македонската Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) насловено „Заговор против воздухот или како Македонија остана последна европска депонија“, сега не само што ги наоѓа корените на тоа загадување, туку раскажува шокантна приказна за увозот на „валкана“ нафта во земјата во бизнис кој носел милионски профити на поединци за сметка на здравјето на граѓаните.

С. Македонија- главна дестинација на европскиот нафтен отпад

На почетокот на 2019 година од Гинеколошката болница во Чаир се издигаат црни облаци.
Ивана Толовска Розман, која родила син во болницата таа зима, била ужасната.
„Ужасна беше помислата дека сите новороденчиња во болницата го вдишуваа тој воздух“, вели таа.
Славјанка Дамјановска која работи како медицинска сестра во болницата веќе 30 години, вели дека чадот смрдел на киселина. „Тоа беше нешто полошо од вообичаената нафта за греење“.

Наскоро ќе се појават нови информации за облаци црн чад кои излегуваат од други објекти низ Северна Македонија, вклучително и во болниците во Прилеп и Куманово. Ели Пешева од еколошката организација 02 Иницијатива вели дека набрзо потоа биле контактирани од загрижени граѓани.

„Немавме поим колку е голем проблемот“, вели таа. „Започнавме да објавуваме фотографии од црн чад, барајќи од граѓаните да не информираат. Но тоа не се случуваше на само две-три места, туку во стотици згради околу Скопје и уште повеќе низ Македонија“.

Заедничкото истражување на ОЦЦРП, ИРЛ и Investigace.cz открива дека овие облаци црн чад биле производ на отпадно гориво полно со хемикалии кое било извезувано од ЕУ држави и продавано како мазут низ Северна Македонија.

Според ИРЛ, главен актер во увозот на таквиот мазут во земјата била малку познатата компанија Евротим од С. Македонија. Увозот на мазутот на чешката рафинерија Унипетрол и препродаван од босанската нафтена компанија ХИФА и донело на оваа фирма заработка од повеќе милиони евра.
ИРЛ тврди дека поранешниот вицепремиер и бизнисмен Кочо Анѓушев бил на некој начин вмешан во увозот на овој мазут. Но Анѓушев ги отфрли таквите тврдења и соопшти дека малите количини на мазут кои неговата компанија „Брако“ ги купила од Евротим биле одобрени од надлежните служби во Северна Македонија.

Нафтен отпад

Случајот со увозот на фирмата Евротим во С. Македонија не е единствен. Цариници, лаборатории, и експерти велат дека се поголеми количини отпадно гориво, прикриено како нафта за греење или мазут, доаѓа од ЕУ на Западниот Балкан, и покрај законите кои го забрануваат тоа.

„Добрата нафта останува во Австрија, Германија, или Чешка и други ЕУ држави, а остатоците, отпадот полн со тешки метали, завршува тука, во Србија, во Македонија“, вели Славиша Петковиќ, директор на Службата за техничка контрола во Српскиот пазарен инспекторат.

„На овој начин Балканот стана европски отпад за нафтен отпад“.

Од Орлен Унипетрол, најголемата рафинерија во Чешка која е во сопственост на полската државна компанија ПКН Орлен, велат дека не се одговорни за тоа како се користи нивниот производ по продажбата.

Директорот на фирмата ХИФА Оил и син на сопственикот, Кенан Ахметлиќ вели дека производот кој го продаваат ги исполнува законските услови за да биде тргуван и користен како гориво на Балканот. Илија Срезоски, сопственикот на Евротим, се согласува, објаснувајќи дека горивото на Унипетрол „99,99% ги исполнува стандардите согласно македонските закони“.

Ова отпадно или тешко гориво кое се увезувало во С. Македонија вообичаено се користи само во индустриски погони или како гориво за големи бродови, но не и како гориво за греење, затоа што според ЕУ, предизвикува рак и неплодност.

Од четири анализи направени од Државниот пазарен инспекторат во приватна лабораторија во 2019 година, сите имале под еден процент сулфур (со што всушност го исполнувале единствениот услов за увоз во С. Македонија) но останатите отровни состојки биле над 10 пати повисоки од дозволеното.

Најголем купувач на „валканата“ нафта на Евротим била компанијата Еуроникел (поранешен Фени) од Кавадарци, како и бројни државни и локални институции.

Евротим почнал да се пробива во бизнисот со увоз на мазут во 2018 година кога добил повеќе тендери почнувајќи од Министерството за одбрана, па до јавното транспортно претпријатие во Скопје. Бизнисот на Евротим кој во 2017 година му носел помалку од 500.000 евра годишно, во 2019 година достигнал 13 милиони евра.

Првиот сомнителен увоз на Евротим бил откриен во декември 2018 година од Државниот пазарен инспекторат. Поранешниот директор Стојко Пауновски вели дека иако била сомнителна, таа пратка била пропуштена затоа што ги исполнувала основните домашни регулативи.

Во декември 2019 година пристигнала нова пратка на „мазут”, дел од кој бил произведен во Босна и Херцеговина.

Два месеци подоцна стигнале резултатите од анализата во приватна лабораторија кои покажале дека увезениот „мазут“ е опасен, содржи високо ниво на пепел и талог и има „непријатен и карактеристично иритантен мирис“.

„Таквиот тип на мазут… вообичаено содржи големи концентрации на тешки метали, најчесто кадмиум и олово, кои се опасни и штетни за човековото здравје и животната околина“, се наведува во анализата. Пауновски го информирал Министерството за економија за откритието, барајќи да се заострат правилата за увоз на мазут и да се стопира продажбата на опасен отпад како гориво. Но, ништо не се случило.

Сопственикот на Евротим, Срезоски ги демантира сите обвинувања на негова сметка.

„Мазутот ги исполнува европските стандарди вклучително и оние за талог, вискозност и пепел“, тврди тој.

Тендерите во С. Македонија, фирмата на Срезоски ги добивала благодарение на ниската цена која можеле да ја понудат.

„Европските држави целосно го отстрануваат мазутот од употреба, а Унипетрол нема кому да го продава, и затоа ни го даваат по толку ниска цена“, вели Срезоски.

По пристигнувањето во С. Македонија, мазутот бил товарен во камиони и испраќан до јавните и приватните купувачи ширум земјата. Стојанче Ангелевски, возач кој го транспортирал горивото, се уште се сеќава на неговиот мирис.

„Смрдеше буквално како мртва мачка“, вели тој.

Отровот во Куманово и Кавадарци

Во октомври 2019, Куманово одеднаш стана еден од најзадените градови во Европа. Ткн. ПМ10 честички во еден момент се искачија на убиствени 1.850 микгрограми на кубен метар, 37 пати повисоко од максимално дозволената количина.

„Пикот на загадувањето е поради горењето на фосилни горива во периоди кога болницата ја пали печката“, се наведува во извештај на општината. Документите до кои дојде ИРЛ покажуваат дека болницата купила гориво од Евротим во вредност од над 50 илјади евра.

Кумановската е една од најмалку седум болници во земјата кои купиле мазут од Евротим во вредност од околу 900.000 евра од мај 2018 до јануари 2020 година.

Кавадаречкиот Еуроникел бил еден од најголемите муштерии на Евротим

Но, најголемата заработка на Евротим била од продажба на приватни компании. Во периодот од две години, најголем купувач бил Еуроникел (поранешен Фени) во Кавадарци. Од компанијата велат дека постојано ја мерат загаденоста, а тоа го прават и независни контролори.

„Во изминатите три години мерењата покажаа дека квалитетот на воздухот е одличен“, соопшти компанијата откако беше емитуван документарниот филм на ИРЛ.

Во 2019 година, жителите на Кавадарци протестираа против Еуроникел, жалејќи се дека чадот е толку лош што им ги пече очите и им го отежнува дишењето.

Влатко, вработен во малопродажба во Кавадарци, кој се претстави само со своето име, вели дека „дури и птичките знаат” оти загадувањето доаѓа од Еуроникел. „Нашите деца се отруени”, вели тој.
На истражувањето реагираше и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев кој порача дека „нема да дозволи интересите на бизнисот да бидат поважни од здравјето на граѓаните“.

Владата на Северна Македонија неделава исто така најави дека ќе ги испита тврдењата во истражувањето за увозот на „валкан“ мазут во земјата.

Преземено од Дојче Веле

[sc name=”dw” ]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот