Последна и најтешка политичка битка на Али Ахмети

Фото: Ерол Шаќири

Од некои омразен, од многумина адмириран, Али Ахмети, лидерот на Демократската унија за интеграција, политичарот со најголем број на изборни победи и години на власт, веројатно една од најмаркантните политички фигури на Албанците во Македонија заедно со поранешниот лидер на ДПА Арбен Џафери, и веројатно еден од најзаслужните за правата што денес ги уживаат Албанците, во април 2020 ќе се соочи со најтешката политичка изборна битка. Претстојните парламентарни избори во април 2020 за Али Ахмети воедно ќе бидат и негова последна политичка изборна битка, во тоа сум убеден. Тој сака од политичката сцена да си замине како апсолутен победник.

Гледано низ призмата на изборни победи, тој и е апсолутен победник, но сепак сега се соочува со најголемиот предизвик и веројатно затоа реши да ја одложи политичката пензија за која беше спремен. После изборите, најверојатно на некој следен конгрес на партијата, тој или ќе замине како резултат на евентуален тежок пораз на неговата партија или ќе замине како победник во стилот „дечки толку од мене, две декади никој ме нема победено, еве ви ја партијата, понатаму како знаете и умеете“, но секако ќе замине. Со неговото пак евентуално заминување мислам дека полека и самата ДУИ ќе замине во историјата. Никој од сегашните кадри и потенцијални негови наследници ја немаат потребната политичка харизма, моќ за мотивирање на електоратот и способност да ја зачува целината на партијата преку балансирање на разните крила и фракции, ни бунтовниот Груби, ни слаткоречивиот Османи.

ЗОШТО Е ОВА НАЈТЕШКАТА БИТКА ЗА АХМЕТИ И ДУИ

Никогаш до сега една албанска политичка партија не била во ситуацијата во која се наоѓа моментално ДУИ, да бие битка на два фронта.

Првиот фронт е традиционалната битка со албанските опозициони политички партии каде Ахмети треба да им објасни на гласачите зашто и по 17 години да се определат за ДУИ, а не за опозицијата. Во право е ДУИ кога вели дека се најсилната албанска политичка партија и дека никој не може да ги победи, не ако настапат самостојно, но ако се сплотат и стапат во предизборна коалиција тогаш ситуацијата ќе биде сосема неизвесна, пред се мислам на Алијанса и БЕСА. Дури и Ахмети ги повика да се обединат, дали повикот е навистина упатен поради загриженоста од губење на албански мандати како што вели тој, или пак е чиста провокација препознавајќи ја суетата на опозиционите лидери каде секој сака да биде главен во таа игра, тоа не знам, но судејќи по 5-те илјади амандамани поднесени со цел блокирање на предлог-законот за една изборна единица ќе да е ова второто.

Се истрчаа од ДУИ со бројките и анализите велејќи дека губат Албанците за да веднаш бидат демантирани дека всушност тие добиваат, а губи ДУИ. Предизвикот на Ахмети ќе се состои во тоа да им претстави на албанскиот електорат дека се она што го направија за нив вреди повеќе од она што не го направија. Пред извесен период, Ахмети излезе со изјава дека етничките прашања во Македонија се конечно затворени, време е да се напушти предизборната реторика од 1991 година па навака и да се концентрираме на економијата и реалните потреби на граѓаните. Оваа изјава го става ДУИ во тесна позиција затоа што кога би се напуштила оваа реторика ќе треба да се одговори на многу прашања, од кои следниве се меѓу најбитните.

Зошто ДУИ е сеуште во неформална коалиција со ВМРО, партнерите од времето на режимот, и им помогна преку своите инсталации пред се во судовите криминалците да се спасат од кривичен прогон? Зошто го спасија Трајко Вељановски од одземање на пратеничкиот имунитет? Зошто општините раководени од нивните градоначалници се инфраструктурно меѓу најнеразвиените, најнесредените, најсиромашните? Зошто албанските ученичиња сеуште пешачат по 5 километри за на училиште? Зошто нивните градоначалници градат дивоградби и притоа не сносат ни кривична ни морална одгворност? Зошто ја уништија старата скопска Чаршија, едно од најголемите културни наследства на Скопје? Зошто нивните министри во владата не реализирале ниту еден реален проект за потребите на граѓаните вклучувајќи ги Албанците? Зошто кога почнаа да излегуваат „бомбите“ на Заев, Ахмети ладно изјави дека ДУИ не реагира емотивно и повика да се објават сите во кои се инволвирани негови луѓе за да по објавувањето на „бомбите“ од Ел Чека почнаа да реагираат не само емотивно, туку и нервозно? Зошто никој од функционерите на ДУИ не беше процесиран од веќе мртвото СЈО? И за крај, зошто на Албанците во последните 17 години им се случи најголемиот „егзодус“, можеби поголем од оној за време на комунистичките власти во педесетите години од минатиот век? Зошто на секое албанско семејство му фалат по минимум еден член кој е некаде по Германии, Швајцарии, Белгии, фамилијата ја гледа еднаш годишно, а без неговата финансиска помош истото тоа семејство не може месецот да го помине?

Сепак предноста на ДУИ во однос на другите албански партии е што барем „на хартија“ тие направија се што можеше, а реално и требаше во смисол на правата на Албанците во оваа држава. Со „патриотите“ од ВМРО „под маса“, со реалистите од СДСМ „на маса“, Али Ахмети договори се што требаше да се договори и тој успех не може никој да му го оспори, а најмалку албанската опозиција.

Вториот фронт е битката со граѓански ориентираниот СДСМ, кој на последните избори му откина од 30 до 50 илјади гласови. Погреши Ахмети во својата проценка во 2016 година кога СДСМ ја претстави програмата и во своите раководни структури вклучи етнички Албанци. Во интервју за РСЕ Ахмети рече дека е убеден дека СДСМ со новата програма (акробација како ја нарече тој) нема да привлече албански гласови. Тој исто така рече дека за граѓанска политичка партија ќе дојде време, но по една или две децении. СДСМ го поби тоа негово мислење и сега му е сериозен конкурент во борбата за албански гласови.

КАВГАТА СО СДСМ, РЕАЛНА ИЛИ ФИНГИРАНА?

Веќе сме навикнати пред секои избори коалиционите партнери во власта да „се скараат“, да ја заострат реториката, да уфрлат потребната доза на национализам, да се направи претстава за широките народни маси, а се со цел да се привлечат што повеќе гласови, секој глумејќи патриот пред „своите“ и „бранејќи“ ги интересите на „своите“. Ова се случуваше без исклучок пред секои избори кога партнери во власта беа ВМРО и ДУИ. Нивните спротивставени, дијаметрално спротивни ставови се пласираа во јавноста со цел зголемување на рејтингот, за да веднаш по изборите повторно „се смират“ и формираат влада. Сепак мислам дека отворените несогласувања помеѓу високи функционери на владејачките СДСМ и ДУИ се реални, не се „штелувани“ за пред избори и ова го велам заради следните причини. Прво, високи функциоери на СДСМ, пред се еден од потпретседателите на партијата се во отворен конфликт со ДУИ веќе подолго време. Второ на ДУИ не му одговара да „се кара“ со СДСМ, зошто СДСМ е во борба за албанските гласови, не само македонските и многу Албанци веќе гласаат за СДСМ. Трето, со ВМРО беше поинаку и многу едноставно (што би рекол вицепремиерот Османи, „ВМРО се попрагматчни“), зашто ВМРО се бори само за македонските гласови, а ДУИ само за албанските и ниту вмровците го сакаат ДУИ и Албанците, нити Албанците го сакаат ВМРО.

БРОЈКИТЕ ВЕЛАТ САМО ОБЕДИНАТА ОПОЗИЦИЈА МОЖЕ ДА ГО ПОБЕДИ ДУИ

На парламентарните избори во 2002 година ДУИ освои 145 илјади гласови наспроти 117 илјади на сите останати (ДПА, НДА, ПДП). На изборите во 2006 ДУИ освои 113 илјади, наспроти 70 илјади на ДПА. Во 2008 ДУИ има 126 илјади, ДПА има 81 илјада. На изборите 2011 ДУИ освои 115 илјади наспроти 96 илјади (ДПА и НДП). 2014 година ДУИ има 153 илјади, ДПА и НДП имаат вкупно 84 илјади. На последните парламентарни избори во 2016 година се случуваат драстични промени во расположението на албанските гласачи, ДУИ добива „само“ 86 илјади, ДПА 30 илјади, новите Алианса и БЕСА, 35 илјади, односно 58 илјади. Додека на сите претходни избори, ДУИ е во предност од минимум 30 илјади гласови во однос на сите останати заедно, сега е во дефицит од 40 илјади. На тие избори ДУИ изгуби дури 43% од гласовите во однос на 2014 година. Сликата беше иста на локалните избори во 2017 година во однос на вкупно освоените гласови, ДУИ 89 илјади, наспроти 49 илјади на Алианса и 46 илјади на БЕСА. Вкупно 80 илјади гласови кои ги освои заедничкиот кандидат на Алианса и БЕСА на претседателските избори во 2019 година покажува дека овие две партии веќе имаат стабилно гласачко тело и дека отцепената Алтернатива скоро и не направила штета на движењето БЕСА (не заборавајте се работи за претседателски избори каде мотивираноста на албанското гласачко тело е многу мала). Кога на ова ќе го додадете фактот дека и СДСМ е во борба за тие гласови само се потврдува насловот на текстот, дека на Ахмети и ДУИ им претстои најтешката изборна битка досега.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот