После Ѓоковиќ, и Надал го откажа учеството во Монтреал

Рафаел Надал ќе го пропушти Монтреал, но ќе се подготвува за „УС Опен“/фото: EPA-EFE/KIERAN GALVIN

Новак Ѓоковиќ мораше да се повлече бидејќи на невакцинирани од странство им е забранет влез во Канада, а Шпанецот Рафаел Надал мораше да се повлече од здравствени причини.

Најпрвин Србинот Ѓоковиќ се повлече од Мастерсот во Монтреал, а денеска истата одлука ја донесе и Надал.

– Од мојот одмор и доцното враќање на тренинзите, сè добро поминуваше овие недели. Пред четири дена повторно почнав да тренирам и по тренингот имав мала непријатност што беше присутна и денеска. Решивме да не патуваме во Монтреал и да продолжиме да тренираме без форсирање. Искрено му благодарам на директорот на турнирот на Јуџин и на целиот негов тим за разбирањето и поддршката што отсекогаш ми ја покажуваа, а ниту денешниот ден не беше исклучок.

Се надевам дека повторно ќе играм во Монтреал, турнир кој го сакам и кој петпати сум го освоил пред публиката која секогаш ме дочекувала со голема љубов. Немам друг избор освен да бидам мудар во овој момент и да размислувам за здравјето – објави Надал на „Твитер“.

Рафа сака целосно да се опорави пред почетокот на „УС Опен“, кој ќе започне на 29 август и ќе трае до 11 септември. Со оглед на тоа дека шансите на Ѓоковиќ за настап во Њујорк не се големи, Надал ќе биде прв фаворит на последниот Грен слем во сезоната. Шпанецот ги освои воведните два во Мелбурн и Париз, додека Ѓоковиќ беше најдобар на Вимблдон оваа сезона.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот