После 12 години, мостарците избираат локална власт

Избирачките места се отворени утрово во Мостар, каде после 12 години се одржуваат избори за 35 одборници на Градскиот совет.

Избирачките места беа отворени во 7.00 часот, а како што претходно објави Централната изборна комисија на БиХ, изборите ќе се одржат во согласност со сите епидемиолошки мерки. Гласањето ќе трае до 19 часот.

Според Кликс.ба, многу мажи и жени од Мостар пристигнале на гласачките места пред 7.00 часот за да бидат меѓу првите што го дочекаат отворањето на избирачките места и да ги остварат своите граѓански права гласајќи за кандидатите што ги сметаат за најдобри за новите претставници на власта во својот град.

Граѓаните на Мостар ќе можат да гласаат на 150 редовни избирачки места, на 16 избирачки места во отсуство, на едно избирачко место за гласање на непотврдени гласачки ливчиња и формирани се 20 редовни мобилни тимови.

На денешните избори, граѓаните избираат 35 одборници во Градскиот совет на Мостар, меѓу 370 кандидати.

На гласачките ливчиња има 31 политички субјект, од кои 22 се политички партии, четири коалиции, една листа на независни кандидати и четворица независни кандидати.

Во градската изборна единица што ја опфаќа целата област на градот се избираат 13 одборници, а во шесте изборни единици од градското подрачје се избираат преостанатите 22 одборници. Ова значи дека секој гласач ќе добие по две гласачки ливчиња.

Според изборните правила за Мостар, градоначалникот се избира со двотретинско мнозинство од 35 одборници во Градскиот совет.

Во случај да нема потребно мнозинство, ќе се одржи втор круг на гласање, а доколку повторно нема, тогаш ќе одлучи мнозинството меѓу присутните одборници на гласањето.

Во избирачкиот список се запишани 100.864 гласачи.

Вкупно 1.717 набудувачи ќе ги следат изборите во Мостар.

Изборниот молк започна во саботата наутро и ќе трае до затворање на избирачките места во 19 часот.

Комесарот на ЕУ за проширување, Оливер Вархеји, ги повика жителите на Мостар да излезат на гласање, додавајќи дека денот на изборите е важен за Градот.

„Првпат после 12 години, граѓаните ќе можат да гласаат и да ги избираат своите локални претставници. Важно е тие да го искористат ова право во оваа историска пригода. Одржувањето избори во Мостар е исто така меѓу 14-те клучни приоритети”, напиша Вархеји на својот профил на Твитер.

Во својот блог, американскиот амбасадор во Сараево, Ерик Нелсон, исто така, ги покани граѓаните да излезат на гласачките места.

Американскиот дипломат апелираше до секој граѓанин на Мостар да излезе на претстојните избори, со порака дека предолго ја чекале таа можност.

„Граѓани, секој од вас заслужува лидери кои се подготвени да работат за ваша корист, а не за лична корист или тесни партиски интереси. Затоа е толку важно активно да учествувате во изборот на оние што ќе ве претставуваат. Локалните прашања се во залог, кои се однесуваат директно на вас и вашите семејства”, истакна меѓу другото Нелсон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот