
Поскромни амбиции за инвестирање на ЈСП: Годинава не планира да троши на автобуси, ќе купува само минибуси и комбибуси
Од сето наведено во минатогодишната инвестициска програма се реализираше само донацијата на шесте автобуси, останатото со кое требаше да се подобри возниот парк остана нереализирано, што не е за изненадување особено ако се земе предвид во каква финансиска состојба е ова претпријатие, на која секоја година Градот му префрла огромни субвенции за да може да исплати плата на вработените.
Годинава ЈСП „Скопје“ планира да набави 30 минибуси и 10 комбибуси за што е предвидено да се потрошат 400 милиони денари. Возилата ќе ги купеле со сопствени средства.
Препорачано
Амбициите на ЈСП „Скопје“ за инвестирање во нов возен парк во оваа предизборна година се многу поскромни отколку во изминатите две години. Во инвестиционата програма за 2023 година беше испланирана набавка на дури 100 автобуси на хибриден погон и 10 минибуси. Само за автобусите требаше да се потрошат четири милијарди денари, односно околу 65 милиони евра и уште околу еден милион евра за минибусите, чија набавка би се реализирала со субвенции.
Лани пак за набавка на автобуси на хибриден погон се планираше да се вложат три милијарди денари. Планот требаше да се реализира до 2028 година, а средствата да бидат обезбедени со субвенции. Со субвенции требаше да се набават и 5 минибуси за износ од 60 милиони денари, како и 20 комбибуси за 180 милиони денари. Во минатогодишната програма беше предвидена и донацијата на шест автобуси.
ЈСП планира да купи 100 автобуси за околу 65 милиони евра, само не се знае кој ќе ги плати
Од сето наведено се реализираше само донацијата, останатото со кое требаше да се подобри возниот парк остана нереализирано, што не е за изненадување особено ако се земе предвид во каква финансиска состојба е ова претпријатие, на која секоја година Градот му префрла огромни суми субвенции за да може да исплати плата на вработените.
Но, за изненадување е зошто градските советници три години наназад гласаат за инвестициските програми за кои знаат дека не може да се реализираат. Мнозинството советници во истиот тој период не гласаат ниту за набавка на нови автобуси, ниту за конечно да започне реализацијата на проектот за БРТ, за кои веќе три и пол години се обезбедени пари преку Европската банка за обнова и развој кои „лежат“ непотрошени на наменска сметка.
Во образложението кое им беше доставено на првата седница од 2025 година, меѓу другото, беше наведено дека со инвестиционата програма ЈСП има за цел да обезбеди континуирано вршење на основната дејност, односно превоз на патници и да обезбеди осовременување и развој на претпријатието. За таа цел се планирани инвестиции во набавка на превозни средства, опрема и изведување на градежни работи.
Со оваа програма посебен акцент е ставен на подобрување на возниот парк на ЈСП Скопје со набавка на 30 минибуси и набавка на 10 комбибуси. Останатите проекти се однесуваат на набавка на опрема која е потребна за одржување на возниот парк и непречено остварување на превозните услуги (набавка на алати, уреди и опрема за дијагностика, сервисирање и одржување, набавка на мерна приклучна станица за ЦНГ, набавка на компресорска станица на воздух, систем за фотоволтаици итн). Исто така е планирано и изградба, реновирање, санација, адаптирање и реконструкција на објекти – беше наведено во образложението на програмата за инвестиции.
Притоа, како што е прецизирано, средствата за реализација на оваа програма ќе бидат обезбедени преку субвенции, донации и од сопствени средства на ЈСП Скопје.