Пошта чека зелено светло од Владата за да склучи договор со некоја банка

фото: Драган Митрески

Поради прекинатиот договор со Еуростандард банка, на нивните шалтери не може да се плаќаат сметки за комунални услуги и да се врши исплата на пензии и на социјална помош.

Сѐ уште нема ништо за обновувањето на платниот промет преку поштенските шалтери. Од Пошта за „Слободен печат“ велат дека и тие чекаат да добијат зелено светло од Владата. Иако беше закажана за денес, владината седница на која неофицијално треба да се расправа за овој проблем е одложена за утре. Од Владата велат дека е можно оваа тема да се најде како точка за расправа на денешната седница.

Пошта треба да добие дозвола за да преговара и да склучи договор со друга банка, за преземање на шалтерите за платен промет и за достава на пензиите. Оваа институција веќе две недели е без платен промет по пропаѓањето на Еуростандард банка. Поради прекинатиот договор со оваа банка, на нивните шалтери не може да се плаќаат сметки за комунални услуги и да се врши исплата на пензии и на социјална помош. Ејуп Рустеми, генерален директор на Македонски пошти, неколкупати апелираше дека мора итно да се потпише договор со друга банка.

Неопходно е да се има предвид информацијата дека Еуростандард банка имаше околу 50.000 приматели на пензија, а уште дваесетина илјади не го завршија трансферот во друга банка. Банките пред чии филијали и понатаму има огромни метежи, поради пандемијата го намалија и бројот на активни филијали, што уште повеќе ја усложнува целата операција. Пензионерите што ги примаа пензиите на домашна адреса, треба да отворат трансакциска сметка во друга банка и да ја подигнат пензијата. Рокот за отворање нова сметка заради навремено добивање на пензијата, заврши на 21 август. Ова значи дека оние што не успеале да отворат нова сметка, ќе ја добијат пензијата во текот на следниот месец.

– Чекам да отворам сметка и да ја земам пензијата. Гледам колкави се редиците, но немам друго решение. Се плашам за своето здравје, бидејќи се направија метежи затоа што некои филијали се затворени, па граѓаните сега шетаат во потрага по отворена банка и се собираат повеќе луѓе на едно место – вели пензионер што чекаше пред филијалата на една банка.

Пензиите преку деловните банки ќе почнат да се исплаќаат од 26 август. На корисниците ќе им бидат достапни преку банкоматите и во трговската мрежа, а готовинската исплата ќе се врши во четири групи на 26, 27 и 28 август и на 1 септември. Овој месец, корисниците на пензии што ја добиваа пензијата на сопствената адреса преку Пошта, нема да може да го остварат тоа право.

Пропаднатата Еуростандард банка склучила петнаесетгодишен договор со Пошта во 2016 година. За имплементација на банкарскиот систем на поштенските шалтери, вработените поминале долгогодишна обука и прилагодување на системот. Директорот Рустеми објасни дека со договорот што го имале со Еуростандард банка, директно или индиректно биле ангажирани 870 вработени за работи поврзани со платниот промет. Поштата има 326 објекти и околу 500 шалтери, на кои даваат услуги на граѓаните на територијата на државата.

Засега никој не знае кога може да се очекува почеток на преговорите со другите деловни банки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот