Посетата на Петков нов почеток за односите Бугарија – Македонија

кирил петков
Кирил Петков / Фото: МИА

Се очекува двајцата премиери да ги разгледаат клучните бугарски барања „пет плус еден“ на кои Македонија испрати одговори, но и да зборуваат за формирањето пет работни групи, односно за новиот концепт на Петков за надминување на спорот со проширена соработка.

Посетата на премиерот Кирил Петков ќе означи нов почеток во развојот на билатералните односи со Република Северна Македонија и ќе ги претстави следните чекори што двете влади ќе ги преземат за решавање на отворените билатерални прашања, соопшти вчера бугарската влада за претстојната посета на Петков на Скопје во вторник. Петков ќе разговара со премиерот Димитар Ковачевски, чија влада се очекува да биде избрана викендов во Собранието.  Се очекува двајцата премиери да ги разгледаат клучните бугарски барања „пет плус еден“ на кои Македонија испрати одговори, но и да зборуваат за формирањето на пет работни групи – за економија, инфраструктура, евроинтеграции, култура и за историски прашања, односно за новиот концепт на Петков за надминување на спорот со проширена соработка.

Петков ќе биде придружуван од министерката за надворешни работи Теодора Генчовка и министерот за транспорт Николај Шабев, а, како што се наведува на веб-страницата на бугарската влада, поводот за посетата е 30-годишнината од признавањето на независната македонска држава од страна на Бугарија. Во владиното соопштение е пренесена и  неодамнешната порака на премиерот Петков, кој рече дека треба да се промени сфаќањето за тоа што навистина значи РС Македонија да преговара со ЕУ и да биде дел од неа во иднина.

– Ајде да зборуваме за сите придобивки што ќе ги имаме ние и РС Македонија од овој процес – рече неодамна Петков.

Од македонската влада најавија дека посетата на бугарскиот премиер на Скопје ќе започне во 9 часот со церемонија за свечен дочек.

Министерот за правда Бојан Маричиќ посетата на Петков ја гледа како можност за воспоставување нова динамика во преговорите со Бугарија.

– Тоа е одлична можност да се воспостави нова динамика во преговарачкиот просец меѓу нас и Бугарија. Динамика во која ќе се фокусираме на прашања пошироки од историските прашања, динамика во која ќе се формираат конкретни работни групи што ќе дадат резултати во конкретни области, без да се врзуваме за временски рокови. Интензивно да работиме на подобрување на атмосферата меѓу граѓаните и меѓу двете држави – рече вчера Маричиќ, кој во владата на Ковачевски ќе биде министер за европски прашања.

Според аналитичарот Петар Арсовски, има простор за оптимизам, но дали ќе има исчекор зависи од повеќе фактори.

– Првите најави од бугарска страна се оптимистични, но само од страна на премиерот Петков. Не и од страна на бугарскиот претседател Румен Радев, кој сè уште има критично влијание за решението за овој спор. Тој и со последниот потег, со седницата на Советот за безбедност, практично му остави тесно поле за маневар на премиерот. Останува да се види колку ќе може Петков да се оттргне од влијанието на Радев за да издејствува поместување – вели Арсовски.

Тој додава дека и кај нас состојбата е комплицирана, особено со заканите на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе го поништи решението што ќе се постигне ако го смета за неповолно. За ова е потребен натпартиски консензус, оти во спротивно решението нема да е одржливо. Затоа, смета Арсовски, мали се шансите во јуни да се тргне блокадата, но веќе во септември има повеќе можност.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера повторно побараа транспарентност во разговорите со официјална Софија.

– Додека Никола Димитров обвинува за предавство, Ковачевски мудро молчи за тоа кои одговори Македонија ги дала на пакетот „пет плус еден“ кој е испратен од Софија како предуслов за поддршка за преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција. Дали македонската јавност повторно ќе биде изманипулирана и зад декларативна заложба дека ќе се почитува Резолуцијата, Ковачевски по стапките на својот ментор Заев ќе ги подрива македонските позиции? Ковачевски е должен да ѝ одговори на јавноста кои одговори се дадени и нив детално да ги образложи – побара вчера ВМРО-ДПМНЕ.

Видео на денот