Посетата на Петков ги буди надежите, но и сомнежите

Димитар Ковачевски и Кирил Петков /Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Заедно со сите напори за подобрување на поврзаноста, инвестициите, економијата, соработката, да не заборавиме на главните прашања што треба бидат решени и кои, всушност, ќе ја отклучат вратата за почеток на преговорите – рече Радев.

Позитивна е посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на Македонија, но и во двете земји има значајна доза на внимателност и резерви во процените на идните чекори и можната разврска на спорот. Допрва има многу работа што треба да се заврши, а првата посериозна оцена ќе може да се даде веќе во вторник, на 25 јануари, кога во Софија ќе отпатува делегацијата со македонските министри на Втората меѓувладина конференција, што е механизам за соработка предвиден во Договорот за добрососедство.

Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера најави „Владата на Северна Македонија доаѓа во Софија следниот вторник и постои можност да биде направено нешто што не се случило во последните 30 години“.

– Треба да се договориме за воспоставувањето на железничката линија помеѓу Софија и Скопје во најкус можен рок, да утврдиме како да се патува побрзо со автомобил, како навистина да има половина час лет, да стане збор за културниот календар, како и координацијата на образовните програми – рече Петков.

Многу позитивни сигнали во посетата на Петков гледа и бугарскиот претседател Румен Радев, кој вчера рече дека мора да се поддржи секој чекор што води кон продлабочување на односите меѓу двете земји.

– Сепак, се надевам, заедно со сите напори за подобрување на поврзаноста, инвестициите, економијата, соработката, да не заборавиме на главните прашања што треба бидат решени и кои, всушност, ќе ја отклучат вратата за почеток на преговорите – рече Радев.

Тој повтори дека е апсолутно неосновано Македонија како реципроцитет да бара признавање на македонско малцинство во Бугарија затоа што „уставните системи се радикално различни“.

Минатото малку во втор план

Политикологот Иво Ранѓеловиќ вели дека посетата на Петков наликува на иницијатива на еден разумен преговарачки дух.

– Очигледна е волјата за соработка и решение на спорот, како и репозиционирање на приоритетите. Се зборува за суштински работи, наместо за идентитетска политика. Владите од двете страни се експлицитни и во своите напори. Токму поради ова сметам дека има простор за оптимизам –- вели Ранѓеловиќ за „Слободен печат“.

Според аналитичарот Александар Кржаловски, посетата на Петков помина во релативно позитивен тон, а „новите сили“ на двете страни даваат надеж дека ќе може да се дојде до откочување на нашата евроинтеграција подоцна во текот на оваа година, но тешко во првите шест месеци.

– Посетата ја демонстрираше поголемата подготвеност на бугарската дипломатија, а и државата во целост, како и нашата неспособност за подолгорочно размислување и согледување на последиците и од навидум малите отстапки, како гестот со Миладиновци и нотата во ОН. Се чини дека тоа ги потврдува стравувањата, меѓу другото искажани и од досегашниот министер Никола Димитров, дека нашата Влада е подготвена на отстапки, прво помалку и помали отстапки, кои на крајот, како и во случајот со Грција, може да завршат со наше целосно прифаќање на позициите на Бугарија, оти, нели, без тоа нема подигање на ветото, ни преговори за членство во ЕУ – вели Кржаловски за „Слободен печат“.

Според амбасадорот Виктор Габер, посетата ја подобрува надежта дека во догледно време може да дојде до надминување на проблемите.

– Според последните изјави на политичките лидери на Бугарија, барем во официјалните документи, не се споменува историјата. Во Бугарија излегуваат од фазата на судири и политичкиот фактор, кој има мандат од четири години, може послободно да постапува. И во Софија и во Скопје има нови млади премиери, кои би требало да се растоварени од минатото и од минатите обиди за решавање на спорот. Тие може да придонесат за менување на атмосферата. Историјата ќе остане, но битно е да остане во втор план. Сѐ повеќе во јавноста во Бугарија има расположение за омекнување на тврдиот став – рече Габер во гостувањето на „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Тој додаде и дека Петков во моментов е ѕвезда не само дома туку и во Европа и може да повлијае врз старата генерација политичари, онаа на претседателот Радев, која има потврди ставови.

Интензивна агенда на комисиите

Вицепремиерот за европски прашања вчера најави дека на заедничката меѓувладина седница во вторник ќе се формализираат петте работни групи, во кои ќе учествуваат надлежни министри, како и тимови и институции што не се на министерско ниво, а се важни во процесот. Од 25 јануари натаму секоја недела ќе се состанува по една комисија и во периодот до март-април се очекува да се сретнат по два-три пати.

– Со новите влади во двете земји настапува нов пристап, според кој историските прашања се само дел од целината. Волјата е да се покаже дека имаме и други работи што треба да се решат, како подобрување на инфраструктурата, трговија, културна и образовна размена. Со цел да имаме поголема комуникација меѓу граѓаните и да не се остава односите да ги водат само политичарите и историчарите – рече вицепремиерот Маричиќ за „Утрински брифинг“.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, во изјава за бугарската БТВ најави дека за неколку денови ќе има предлог за амбасадор во Бугарија.

Поранешниот вицепремиер Димитров и вчера продолжи со критиките кон новиот пристап на владата за спорот со Бугарија, толкувајќи дека тоа е обид за евтин спин тврдењето дека Софија нешто отстапила со краткото и долгото име.

– Додека бев внатре, го држев пристапот дека ништо не е договорено додека не се договорат сите прашања. Вториот ден без мене пристапот и суштината се смени во „салама“ тактика. Велат дека сега со новиот пристап сме имале резултати веднаш – Софија „прифатила“ да го користи краткото име, нешто што само по себе не е наш проблем, туку нивен и нивно барање – напиша Димитров на Фејсбук.

ВМРО-ДПМНЕ ќе ги бојкотира работните групи?

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работните групи со Бугарија, најави вчера партијата.

– ВМРО-ДПМНЕ нема добиено покана од Владата да има претставници во работните групи со Бугарија, а доколку и добие покана, нема да учествува, зашто така би била декор на власта и би дала легитимитет на нивното погрешно функционирање – рече вчера партискиот портпарол Димче Арсовски.

Тој додаде дека собраниската Комисија за надворешни работи е местото каде што власта треба да учествува и да одговора на нивни прашања.

– Ние упорно ги каниме да дојдат. Министерот Бујар Османи упорно бега да даде одговори и не учествува на Комисијата, а претходно истото беше случај со Никола Димитров – рече Арсовски.

Вицепремиерот Маричиќ вчера рече дека „ќе дојде и тој момент кога и Собранието ќе има улога во валидирање на договореното, затоа е важно сите партии да имаат увид и активно да учествуваат во овој процес“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот