Посебен сообраќаен режим од 18 часот поради чествувањето на Гоце Делчев

Почнувајќи од денеска од 18:00 часот Министерството за внатрешни работи воспоставува посебен сообраќаен режим поради најавениот настан за организирано чествување на раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Секторот за внатрешни работи Скопје ќе преземе засилени активности и мерки за подигнување на безбедноста околу местото на одржување на настанот, при што ќе се преземат мерки за посебен режим на сообраќајот. Притоа, од денеска за сообраќај ќе биде затворена улица „Самоилова”, на потегот од улица „Иљо Војвода” (виадукт Самоилова) до крстосницата со улицата „Прохор Пчински”, а на 4 февруари в сабота, посебен режим на сообраќај ќе се спроведе на улица „Лазар Личеновски” и улица „Самоилова”, соопшти МВР.
Апелираат до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот со цел безбедност на сите учесници во сообраќајот.