Португалското претседателство со ЕУ ќе направи се во негова моќ да започнат преговорите со Македонија

Португалското претседателство со Европската Унија го смета процесот на проширување како важно прашање и ќе направи сѐ што е во негова моќ, да се динамизира дијалогот за усогласување на Преговарачката рамка и формално да се отпочнат пристапните преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ. Почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија ќе придонесе за задржување на кредибилитетот на ЕУ во целиот регион.

Вакви пораки во Брисел добија вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и шефот на дипломатијата Бујар Османи, од португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва и потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

На средбите со Силва, Димитров и Османи беа едногласни дека евроинтегративниот процес мора да добие засилено внимание особено во случајот на Северна Македонија која од март минатата година има консезуална одлука од сите земји членки за отпочнување на преговорите. Тие ја потврдија посветеноста на земјата кон реформскиот процес, нагласувајќи дека јасната перспектива на земјата како идна полноправна членка на ЕУ, претставува најсилен поттик за продолжување на реформскиот процес и инкорпорирање на европските вредности дома.

Силва даде осврт на приоритетите на португалското претседателството кои се насочени кон социјална, дигитална и зелена Европа; со зајакната доверба на нејзините граѓани во европскиот социјален модел; промовирање на Унија заснована на заеднички вредности, солидарност, трансформација и кохезија – Унија способна на координирана акција за закрепнување од кризата предизвикана од Ковид-19.

На средбата на Османи и Димитров со Жосеп Борел било оценето дека почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ ќе придонесе за задржување на кредибилитетот на ЕУ во целиот регион.

– Во фокус на разговорот беше иднината на политиката на проширување на ЕУ, пред сѐ во контекст на случувањата по усвојувањето на новата Методологија и можностите кои ги нуди за динамизирање на процесот, усогласувањето на Преговарачката рамка за Северна Македонија, важноста и придобивките од регионалната соработка и унапредувањето на добрососедските односи како клучни елементи за европската перспектива, како за земјата, така и за целиот регион, информира владината Прес-служба.

На средбата бил потенциран фактот дека Северна Македонија има навистина голем број пријатели меѓу земјите членки на ЕУ, чии интереси за иднината на Европа се совпаѓаат со нашите за целосно интегрирање на Западниот Балкан во европскиот блок и за „конечно комплетирање на Унијата”.

Димитров и Османи на средбата нагласиле дека Владата продолжува со реформите со цел да се задржи фокусот на реформските процеси и да се одржи „позитивното досие за Северна Македонија”.

Борел, од своја страна, во текот на разговорите го поздравил високото ниво на усогласување на Северна Македонија кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

– Средбата на Димитров и Османи со Борел доаѓа во исклучително важен момент за процесот на проширување на Европската Унија и во таа насока соговорниците се согласија дека започнувањето на преговорите со Северна Македонија ќе придонесе за задржување на кредибилитетот на ЕУ во целиот регион, соопшти владината прес-служба.

Османи и Димитров се сретнаа и со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалогот Белград – Приштина, Мирослав Лајчак, на која се разговарало за европската перспектива на Северна Македонија, добрососедските односи, регионалните иницијативи, како и очекувањата во периодот што претстои. И на оваа средба било заклучено дека земјава е подготвена да ги почне преговорите со Европската Унија, при што беше потенцирано дека земјата е успешна европска приказна во регионот, а со тоа и пример за другите држави од Западен Балкан – јасно прикажувајќи ја трансформативната моќ на европската идеја.

– Од тие причини, европската перспектива на Северна Македонија мора да продолжи без разлика на предизвиците на овој пат. Тоа ќе биде потврда за одржувањето на политиката на проширување на агендата на ЕУ, но и дека вистинското инвестирање во реформите и во добрососедските односи значат и сигурен влог во подобра иднина за граѓаните, заклучено е на состанокот.

Во меѓувреме, португалскиот министер за надворешни работи Силва изјави во Европскиот парламент дека целите на неговата земја како претседавач на ЕУ во областа на проширувањето се „прилично амбициозни”.

-Ние сакаме да придонесеме за одобрување на преговарачките рамките со Северна Македонија и Албанија и да ги продолжиме тековните преговори со Србија и Црна Гора, изјави Сантош Силва во Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент (АФЕТ).

Неколку европратеници посочија дека ЕУ не смее да ги заборави БиХ и Косово, како и на препреките и проблемите што Бугарија, како што рече членката на АФЕТ, Изабел Сантош, и ги поставува на Северна Македонија на патот кон ЕУ.

Европратеникот Андор Дели ги посочи разликите во пристапот кон процесот на проширување помеѓу Советот и Европскиот парламент и го праша португалскиот министер што ќе направи за да се забрза спроведувањето на новата методологија за преговори.

-Ниту една измена од оваа методологија не е воведена, кажа Дели, додавајќи дека се „потребни позитивни пораки за да се забрза процесот на проширување”.

Европратеникот Андреас Шидер праша на кој начин ќе се работи за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Шидер исто така рече дека е заинтересиран што ќе се случи со дијалогот меѓу Косово и Србија. -Мислам дека е важно Европа да го преземе водството во тој дијалог, кажа европратеникот.

Одговарајќи на прашањата на пратениците, Сантош Силва кажа дека прашањата меѓу Северна Македонија и Бугарија мора да бидат решени, бидејќи тоа „се одразува на ЕУ во целина”, дека тие се надеваат на напредок во тој процес и дека одлуките од минатата година во врска со отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија треба да се спроведат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот