-2 C
Скопје

Португалија се надева на одржување на првата меѓувладина конференција до јули

Актуелниот претседавач со ЕУ, Португалија, се надева дека во првата половина од годинава ќе се деблокира спорот со Софија и оти ќе може да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија. Во исто време македонскиот претседател Стево Пендаровски порача дека ниедна земја членка на Унијата не смее преку поставување на ирационални барања да ја доведува во прашање европската иднина на нашиот народ. Премиерот Зоран Заев, пак, рече дека фокусот во разговорите со Бугарија до изборите кај нив, ќе биде на Акцискиот план, по што ќе следи водење на разговорите на политичко ниво.

Португалската државна секретарка задолжена за ЕУ, Ана Паула Закариаш, изјави за МИА дека нејзината земја која претседава со ЕУ до први јули годинава се надева дека ќе се деблокира спорот со Софија и ќе може да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија.

Закариаш за МИА порача дека проширувањето на ЕУ е приоритет за португалското претседателство, што започна на 1 јануари и трае до 30 јуни годинава. Додаде дека во тек се контакти со двете страни – Скопје и Софија – за изнаоѓање на решение за билатералниот спор кој го кочи отворањето на преговорите со ЕУ.

-Започнавме со политички контакти со Бугарија и Република Северна Македонија за да успееме да изнајдеме пат кон отворање на процесот, и за време на нашето претседавање да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, но и со Албанија, изјави Закариаш денеска во Брисел, додавајќи дека во овој момент се потребни дополнителни политички разговори помеѓу двете страни и увери дека Лисабон тоа ќе го прави во духот на доверба. 

Во меѓувреме, претседателот Стево Пендаровски на средба со евроамбасадорот Дејвид Гир порача дека целосната интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија е суштинска гаранција за натамошниот демократски развој, стабилност и просперитет на регионот и ниту една земја членка на Унијата не смее преку поставување на ирационални барања да ја доведува во прашање европската иднина на нашиот народ. – Само преку дијалог и почитување на принципите и темелните вредности на Европската Унија и на меѓународното право, може да се надминат билатерални разлики и предизвици, рекол Пендаровски на средбата со Гир.

Прочитајте и...  Утре без струја дел од Горно Соње, без вода амбулантата на МВР во Центар

-Република Северна Македонија останува силно посветена на политиката на добрососедство и регионална соработка, истакнал претседателот Пендаровски, потенцирајќи  дека почетокот на преговорите за членство ќе претставува дополнителен поттик за забрзување на реформите.

Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ) синоќа изјави дека тоа што го видовме од Бугарија е за жалење и не е во национален интерес на Бугарија.

Кнаус посочува дека на крајот Бугарија ќе сфати дека не може да наметнува нешто, што тие мислат дека е, на друг народ, но и дека се надева дека тоа ќе се случи набрзо, зошто не би сакале да изгубиме три години.

– Договорот со Грција ја прави вашата позиција посилна. Вашата Влада секогаш велеше ние сме Македонци, говориме на македонски јазик и мислам дека доколку оваа порака биде силна и ако Бугарија расмили и види дека е во нејзин интерес да има стабилен и пријателски сосед. На крајот не е важно што тие мислат за историјата на 19. или 20. век, нема да променат што мислите вие, бидејќи тоа не е европски, вели Кнаус.

Според Кнаус, кога ќе станеме дел до Европската економска зона, предрасудите за земјите од Западен Балкан ќе исчезнат бидејќи ќе видат дека 80 проценти од работата е завршена и ќе имаме посилни аргументи за членство, но оти тоа не е алтернатива и не смее никогаш да биде алтернатива, но е конкретен преоден чекор кој е привлечен за граѓаните и овозможува на владите да не намалат со реформите.

Прочитајте и...  Рускиот амбасадор ги нарече „бестселер“: Вакцинацијата со „Спутник В“ започнува во среда

– Според објективната анализа на самата Европската комисија, Северна Македонија денеска го исполнува законодавството на ЕУ исто како и Србија и Црна Гора. Дури и без преговори сте на исто рамниште со двете предводнички во преговорите. Ако имате Влада која е посветена, како што беше во изминатите две години, да ги исполнува реформите, ако имате општество кое го посакува, ако имате академици, тинк-тенкови, бизниси, интересни групи кои го гледаат ова како кредибилно, можете да го исполните ова за неколку години, вели Кнаус.

Премиерот Зоран Заев во врска со разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија вчера посочи дека фокусот во разговорите со Бугарија до изборите кај нив ќе биде на Акцискиот план, по што ќе следи водење на разговорите на политичко ниво.

-Процесот на официјални преговори заврши, јас верувам дека следува процес на реализација на Акцискиот план, а веднаш по изборите во Бугарија да влеземе во разговорите и преговорите на политички основи, затоа што секогаш пред избори навистина е нерационално и невнимателно да се преговара за политички теми. Но можеме да работиме на Акциониот план, инфрастурктурата, спортот, образованието, информатичкото општество, туризмот и други обрвски, кои се на двете страни со цел да го јакнеме пријателството меѓу Северна Македонија и Бугарија, нагласи Заев.

Посочи дека за деталите од размената на идеи меѓу работните групи и министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, за нонпејперот, нашето последно размислување кон соседната земја, но и нивната реакција која следеше како одговор на нашиот Акциски план веројатно ќе бидат информирани пратениците во собраниската Комисија за надворешна политика.

Прочитајте и...  Во првите два месеца од 2021 година Кина го зголеми извозот за 60,6 проценти

Заев напомена дека во координација со претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика ќе се договори точен термин за одржување на седницата на која пратениците ќе бидат информирани за тековните случувања со Бугарија, при што ќе се земе предвид тие да немаат други работни обврски во Парламентот.

Претседателот на државата Стево Пендаровски во саботното интервју за МИА откри дека најверојатно оваа недела нашиот Акциски план и бугарскиот одговор на него ќе се најдат пред собраниската комисија за европски прашања или за надворешна политика.

Акцискиот план, кој ние и го понудивме на Бугарија и на кој тие сега одговараат, нема апсолутно никаков момент од идентитетски белези – јазикот и нација, туку само предлагаме сет мерки што би требало да ја „олабават” атмосферата во наредниве месеци, нагласи Пендаровски во интервју за МИА. Според него, одговорот на Софија на нашиот предлог Акциски план не излегува надвор од параметрите на старите бугарски одговори.

– Не можам да видам нешто суштински различно во нивните позиции… Меѓутоа, одговорот што го видов од бугарска страна на нашиот Акциски план практично не одговара на еден дел од нашите барања. Има и за тоа, меѓутоа, повторно во тоа вметнувате што вие мислите за идентитетските белези на македонската нација. Ние тоа не го бараме. Не го спомнуваме во Акцискиот план, бидејќи тоа е надвор од какви било преговори. Ви реков, можеме секоја друга област да ја зборуваме, не смееме и нема да зборуваме сигурно за тоа кои сме, што сме, додава шефот на државата.

Поврзани вести

Брнабиќ: Фотографиите од убиствата не беа многу страшни, има и пострашни

Слободен печат

Растурена свадба во хотел во Тетово

Слободен печат

Австрија ја суспендираше вакцината Астра зенека

Слободен печат

Коневски очекува отчет од Мицковски пред делегатите

Слободен печат

Зошто жените губат во градоначалничката трка?

Весна Тодоровска

Шахпаска: Преку Законот за родова еднаквост ја зајакнуваме улогата на жените во секоја сфера на општественото живеење

Слободен печат

Остави Коментар