Португалија ја запре Македонија во осминафиналето

фото: ИХФ

Ракометната репрезентација на Македонија до 19 години е поразена од Португалија со 25:29 (12:15) во осминафиналето на ракометниот Мундијал кој се игра во Скопје и настапите ќе ги продолжи во разигрувањето за пласман од 9. до 16. место.

Младите ракометари го одиграа најдобриот натпревар на Светското првенство но противникот кој во групната фаза имаше максимални пет победи, на крајот се радуваше.

Избраниците на селекторот Данило Брестовац одлично го започнаа натпреварот, го диктираа темпото на игра и таквиот пристап им донесе водство од 7:5 на половина од првото полувреме. Но Португалија покажа зашто имаше максимален скор во групната фаза, влегоа во посакуваниот ритам и во последните десет минути од првиот дел, негативата од два гола (6:8) ја анулираа и ја претворија во предност од 15:12.

Во второто полувреме, одлично започна голманот Кизиќ, имаше неколку интервенции со кои помогна да се врати резултатската неизвесност (18:18). На секоја серија на Португалците, избраниците на селекторот Брестовац одговараа со своја серија и на седум минути до крајот, „црвено-жолтите“ имаа и предност од 24:23. Но, радоста кратко траеше, португалските ракометари направија серија од 0:3 со која ја обезбедија победата која ги однесе во четвртфиналето каде ќе се играат против Франција.

Мартин Серафимов со девет постигнати голови беше најпрецизен на натпреварот, а Младеновиќ постигна седум, додека кај Португалија најдобар беше Мораиш со шест голови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот