Поразите и заканите на Путин

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Крајно време е за дипломатија, но во оваа фаза „шансите за мировен договор се минимални“, како што вели генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш. Дури ни примирје нема на повидок

Додека кон средината на овој месец руските сили забрзано се повлекуваа пред продорната украинска контраофанзива, претседателот Владимир Путин преку видеолинк учествуваше на церемонијата на отворањето на московското сонце, панорамско тркало најголемо во Европа.

Еден ден подоцна, тркалото високо 140 метри ја сподели на некој симболичен начин судбината на руските војници на североистокот на Украина. Мораше да биде затворено поради технички проблеми, а на посетителите им беа вратени парите за билетите.

Руската армија, втора на светот, во чија модернизација Путин во изминатите две децении вложуваше огромни средства, не е така моќна како што се мислеше. Ги напушташе позициите во регионот на Харков, оставајќи зад себе оружје и опрема.

„Специјалната воена операција“ во Украина се покажува како неспоредливо потешка од интервенциите во Сирија или војните во Чеченија. Воените стратези и планерите во Москва, кои очекуваа дека за само неколку денови ќе влезат во Киев, ги преценија сопствените, а ги потценија украинските капацитети, решеноста и волјата.

Од денацификацијата на власта и од демилитаризирањето на Украина – ништо. Режимот на претседателот Володимир Зеленски се чини е многу стабилен, а земјата, благодарејќи на обемните испораки од Западот, е вооружена како никогаш откако стекна независност по распаѓањето на Советскиот Сојуз.

Путин, првпат по Втората светска војна, беше принуден да нареди делумна мобилизација на приближно 300.000 резервисти, иако и понатаму е под притисок од руските националисти, кои бараат општа мобилизација за да се врати иницијативата на украинскиот фронт. Со тоа е прекршен непишаниот договор на Путин со народот, бидејќи претседателот седум месеци ги уверуваше Русите дека наспроти „специјалната воена операција“ може да продолжат со нормалниот живот и дека никој нема да биде принудуван да се бори во Украина.

Одлуката е посредна потврда дека низ седумте месеци стратегиските цели на инвазијата не се остварени, со цена од 6.000 загинати – што е официјален податок од Москва, а западните процени се повеќекратно повисоки. Протестите низ руските градови, кога се слушнаа пораките „Пратете го Путин во рововите“, и драматичното купување авионски билети за напуштање на земјата, покажуваат дека мобилизацијата е многу непопуларна.

Референдум-дум

На Кремљ му преостанува како успех да го книжи „ослободувањето“ на четирите сецесионистички творби од истокот и од југот на Украина – Донецк, Луханск, Херсон и Запорожје – кои на нелегалните референдуми ќе изгласаат присоединување на 15 проценти од руската територија кон Руската Федерација.

„Не можеме, немаме морално право луѓето блиски до нас да им ги предадеме на егзекутори, не можеме а да не одговориме на нивната искрена желба самите да решаваат за својата судбина“, вели Путин, но анексијата на делови од Донбас според моделот на Крим ја прекинува секоја можност за политички дијалог со Украина и претставува повод за нови драматични ескалации, бидејќи Киев нема да прифати губење на суверенитетот и на територијалниот интегритет.

Дали тоа тогаш во Москва може да се протолкува како напад врз Русија, оправдување за употреба на „сите средства на располагање“ во одбрана на рускиот територијален интегритет? Одговорот е позитивен: „Нападот врз луѓето ќе биде напад врз Русија“, смета уважениот пратеник на Думата, Константин Косачов.

Путин додава дека не блефира и го повторува обвинувањето дека Западот сака да ја уништи Русија, дека се користи со „нуклеарни уцени“, разгледувајќи потенцијална употреба на атомско оружје, и дека САД, Европската Унија и Британија ја охрабруваат Русија да тргне во воени операции против Украина. „Во својата агресивна антируска политика, Западот ги премина сите линии“, предупредува Путин.

Путин не треба да биде понижен

„Неодговорната нуклеарна закана“, како што ја нарече претседателот Џо Бајден, има цел да ги одврати САД и европските сојузници од поддршката за Украина или да прифатат претседателот Зеленски да влезе во преговори за мировно решение што би било прифатливо за Москва. Тоа е реткиот стратегиски потенцијал на Путин што го има на располагање, како што вели Глеб Павловски, негов поранешен советник.

Ситуацијата драматично се заострува, а агресивното ширење на НАТО кон исток е близу до кулминација. Во право се оние, како францускиот претседател Емануел Макрон, што предупредуваа дека Русија не треба да се „понижи“ или другите што сметаат дека е многу опасно Путин да биде стеснет во аголот и да посакуваат пад на неговиот режим и пораз на Русија.

Поради тоа што силата е клучниот извор на легитимитетот на Путин, логично е да се претпостави дека тој нема да се откаже од најсилниот аргумент на својата моќ. Затоа неговите закани треба да се разберат сериозно.

Германскиот канцелар Олаф Шолц неодамна процени дека нема навестувања дека Путин ќе ја промени својата позиција. Војната што однесе илјадници животи на Украина, ѝ нанесе штети што се проценуваат на 350 милијарди долари, ја разниша глобалната економија и создаде енергетска и прехранбена криза, го доведе светот до најопасната конфронтација од времето на кубанската ракетна криза во 1962 година.

Крајно време е за дипломатија, но наспроти понудите на француското или на турското посредување „во оваа фаза шансите за мировна спогодба се минимални“, како што рече генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш. На повидок нема дури ни примирје.

Затоа разумно, но во овој момент бесперспективно делуваат зборовите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, искажани на говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации: „Мислиме дека војната никогаш нема да има победник, а праведниот мировен процес нема да има губитник“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот