Поранешниот претседател Сандро Росел открива зошто Гвардиола си замина од Барселона

Сандро Росел четири години беше претседател на Барселона/фото: EPA/Albert Olive

Поранешниот претседател на Барселона, Сандро Росел во интервју за „Ел Периодико“ ги демнатираше гласините дека Пеп Гвардиола го напуштил каталонскиот тим поради конфликт со управата, односно со него како тогашен претседател на најголемиот каталонски клуб.

Според Росел, вистинската причина за заминувањето на Гвардиола од Барселона е неговиот конфликт со фудбалерите. Гвардиола си замина на крајот од сезоната 2012 под неразјаснети околности. Гвардиола тогаш изјавуваше дека е уморен и му е потребен одмор, но медиумите шпрекулираа дека всушност актуелниот тренер на Манчестер сити има лоши односи со управата, посебно со првите луѓе на Барселона, претседателот Росел и тогашниот потпретседател Хосеп Марија Бартомеу.

Но, како одминуваше времето, почнаа да се шират гласини дека всушност главната причина се лошите односи со главните ѕвезди на екипатаи кои во меѓувреме станаа големи ѕвезди и се оттргнаа од контролата на Пеп. Сега Росел ја потврди таа приказна.

– Не е точно дека ние бевме виновни за неговото заминување. Пеп си замина поради расправија со играчите, поради проблеми во соблекувалната – открива Росел кој ги смета неговите четири години на претседателската фотелја за најдобри во историјата на клубот.

Барселона под негово водство освои две титули во Ла Лига и по еден трофеј во Лигата на шампионите, Кралскиот Куп, Суперкупот на Шпанија, Европскиот суперкуп како и Светското клупско првенство.

– Ние бевме најдобри во сè, во освоени трофеи, во заработени пари, во оставеното наследство, во Фондацијата… Тоа се непобитни факти. Можете да кажете:„Не ми се допаѓа Росел, не можам да го поднесам“. Но објективните податоци на моето раководство беа објавени на официјалната интернет-страница на Барселона. Никогаш не се бранев, но бројките се тие – вели Росел.

Сандро Росел во 2010 година стана претседател на Барселона, заменувајќи го Жоан Лапорта, во чиј тим беше уште од 2003 година, но потоа се скараа и станаа лути ривали.

Росел четири години беше прв човек на Барселона, а во јануари 2014 година мораше да си замине поради скандалот со трансферот на Нејмар како и поради сомневањата за корупција.

Во 2017 година заврши во затвор поради обвиненија за перење пари во скандалот околу телевизиски права на бразилската репрезентација. Тој зад решетки помина точно 643 дена, а дури 13 пати беше одбиено неговото барање за ослободување.

По излегувањето од затвор, времето поминато зад решетки го опиша како најтешкото искушение во животот.

– На влезот во затворот ми дадоа четири кондоми и вазелин. Тогаш многу се загрижив – рече Росел.

Неговите приврзаници тврдат дека Росел настрадал затоа што му го украл Нејмар пред нос на претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез и дека за тоа платил висока цена. Самиот Росел долго време тврдеше дека државата се свртела против него и дека бил жртва на завери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот