Поранешниот либански премиер Саад Харири се повлекува од политичкиот живот

Саад ал Харири/ Фото: ЕПА

Поранешниот либански премиер и сунитски лидер, Саад Харири, денеска соопшти дека се повлекува од политичкиот живот и нема да се кандидира на парламентарните избори планирани за мај.

Ваква одлука тој ја донел откако од него се огради Саудиска Арабија, земјата која го поддржуваше овој 51-годишен политичар, и земјата во која семејството Харири се збогати.

Во неговата политичка кариера Саад Харири трипати беше премиер на Либан, а сега е член на парламентот.

Неговиот покоен татко, Рафик Харири, еден од најмоќните и највлијателните политичари во Либан по крајот на граѓанската војна, беше убиен во Бејрут во голема експлозија на камион-бомба во 2005 година.

Трибуналот на ОН 15 години подоцна осуди член на екстремистичката Хезболах за вмешаност во убиството на Рафик Харири. Хезболах ги отфрли обвинувањата.

Саад Харири смета дека Либан нема шанси за позитивна иднина поради зголеменото влијание на Иран во земјата, како и поради внатрешните и секташки поделби и ослабената држава.

Тој призна дека не успеал да ја спречи најтешката либанска економска криза во модерното време, но кажа дека со компромиси направил се што можел за да ја избегне граѓанската војна во Либан, очигледно алудирајќи на формирањето влади во кои е и моќното проиранско движење Хезболах. .

Харири најави дека и членовите на неговата политичка група „Движење за иднината” нема да учествуваат на следните парламентарни избори, но вети дека ќе продолжи да им помага на оние на кои им е потребна помош.

Саад Харири е најмоќниот сунитски муслимански политичар во Либан од 2005 година, но беше принуден да поднесе оставка како премиер во октомври 2019 година, по големите протести низ земјата против владејачката класа.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот