Поранешниот играч на францускиот тим Ален Порт порачува: Најдобро е Ним да биде подготвен на најлошото во Битола

Алан Порт со екипата на Ним гостуваше во Битола во 1987 година и се уште ја памети жешката атмосфера/ фото:EPA-EFE/Khaled Elfiqi

Поранешниот играч на Ним, а сегашен селектор на Алжир, ги предупредува ракометарите на овој клуб пред гостувањето во Битола кај Еурофарм Пелистер. Порт (59) се сеќава на жешката атмосфера во салата во Битола во 1987 година кога овој клуб играл со Пелистер во ЕХФ купот, а Французите имале огромен притисок од трибините.

Еурофарм Пелистер во вторник (20.45 ч) во својата сала „Боро Чурлевски“ го игра првиот меч од Европската лига во рамките на првото коло од групната фаза, а противник му е францускиот клуб Ним.

Селекторот на Алжир Ален Порт, некогашен играч на Ним, кој играл на мечот со Пелистер во 1987 година, се потсетува на атмосферата на трибините во Битола во тоа време и ги предупредува играчите на францускиот тим дека ќе имаат притисок во битолската сала.

Тоа е најжешкото гостување на кое се сеќавам во дресот на Ним. Ни врескаа од трибините, фрлаа по нас со метални монети и со запалки. Ним мора да очекува „жешки“ трибини. Подобро да се подготват за најлошото, а работите да одат добро, отколку да биде спротивно – изјави Порт за весникот „мидилибр“.

Порт настапувал за Ним од 1982 до 1994 година. Во сезоната 1987/1988, според „бабамбитола.мк“, Пелистер вторпат излегол на европската сцена. Во осминафиналето на ЕХФ Купот, Пелистер тогаш во Битола го победил Ним со 28-23, а Французите победиле дома со 21-16. Вкупниот резултат бил 44-44, но со повеќе постигнати голови на гости, Французите го елиминирале нашиот тим. Тоа било првпат еден француски тим да елиминира југословенски тим во европските купови (тоа се случи во времето на СФРЈ н.з.) пишува „мидилибр“.

Еурофарм Пелистер сезонава влезе директно во фазата по групи во Европската лига додека Ним мораше да мине едно квалификациско коло во кое ја елиминира руска ЦСКА. Ним имаше долго патешествие до Битола во кое смени две авионски линии и два автобуса, а според гласилото, бил многу добро примен во Битола.

– Очекуваме жежок меч. Сигурни сме во себе и веруваме дека можеме да се пласираме на едно од првите две места во групата – изјави Франк Морис, тренер на Ним.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот