Поранешен бугарски премиер: Само со разговор како рамноправни страни ќе се реши проблемот меѓу Бугарија и Македонија

Поранешен премиер на Бугарија, Филип Димитров/ Фото Youtube Screenshot

Поранешниот бугарски премиер Филип Димитров, кој ја извршуваше оваа функција меѓу 1991 и 1992 година, во едно интервју говори за тоа како се одвивало признавањето на Македонија од страна на Бугарија во 1992 година.

Тој за сегашната ситуација вели дека решение постои ако барем едната страна, можеби посилната, дава позитивни сигнали и додава дека решение ќе се постигне ако двете страни разговараат како рамноправни.

Историјата е важна. Отсекогаш имало искривувања, но на крајот во светот опстојуваат поубедливите аргументи. Различните остануваат регионално затворени. Во нашиот регион, изгледа не сите разбираат дека политиката не е само пазарење. Прво треба да докажете кој сте и што сте, па дури потоа да барате поддршка, изјави за БГНЕСпоранешниот премиер на Бугарија (8.11.1991 – 31.12.1992) и актуелниот уставен судија, Филип Димитров.

15 јануари 1992

На 15 јануари 1992 година на Народното собрание му ја соопштил одлуката за безусловно признавање на Република Македонија од Бугарија. Запрашан која е водечката причина за признавањето на независноста на земјава пред 30 години, тој објасни дека прашањето не било дали да се признае Македонија, туку кога и како.

„Војната во Хрватска продолжи и покрај прекинот на огнот на почетокот на јануари и опасноста од напад на непризнаената Македонија беше опиплива. Можете ли да замислите колкава маса бегалци ќе се упатеше кон Бугарија и колку би била неконтролирана ситуацијата кога би требало да се справиме со тоа? Знаевме дека Турција разговара за брзо признавање, но таа не би била директно засегната и само со решително однесување можевме да сметаме на привлекување меѓународна поддршка во таква ситуација. Нѐ знаеја како најверниот комунистички сателит. Набљудувајќи ги националистичките изблици во Грција, западните земји не знаеја што да очекуваат од нас и без наша јасна акција ќе заземеа став на чекање. Немаше време за двоумење. Во тоа време бригадирот Аспарухов нѐ плашеше со разузнавачки информации дека ако ја признаеме Македонија, ЈНА ќе ја нападне Бугарија, но јас сфатив дека ако нѐ спомнат нас, а не Македонија, тоа е само предизвикување страв“, објасни тој.

Димитров вели дека другата причина, било тоа што не сакал да ја разгори националистичката реторика во Бугарија.

„Постоеја шанси за националистичка интоксикација. Тогаш последиците би биле погубни. А се работеше за иднината на Бугарија како западна земја. Грција веќе беше во семејството, додека ние сакавме да влеземе во Европа и НАТО, со ужасна репутација како најсоветскиот сателит на веќе распаднатиот Советски Сојуз. Не можевме да си дозволиме да ја пропуштиме можноста да се декларираме како една од земјите кои навистина се стремат кон европските и евроатлантските интеграции“, додава Димитров.

Министрите се двоумеле

„Во оваа ситуација, претседателот Желев, иако начелно се согласи со признавањето, беше претпазлив, како што беше и на изборите меѓу првиот и вториот круг. Откако ја донесовме одлуката, некои од министрите почнаа да се двоумат. Се разбира, многумина ме поддржаа, но тоа беше единствена одговорност на премиерот“, рече тој.

Во однос на меѓународната реакција и онаа на соседните земји, Димитров потсети дека Германија веќе ги признале Словенија и Хрватска, а Турција и САД, веднаш по Бугарија, ја признале Македонија. Потсетува дека Европа не можела да ја признае Македонија поради Грција, но сепак британското претседателство испратило набљудувачка мисија на границата, на што, како што вели, најмногу инсистирале бугарските власти

Според него, во проблемите меѓу Бугарија и Македонија не е продуктивно да се бараат паралели со Австрија и Германија или со Англија и САД.

„Македонија е сложена земја, како што се гледа од Охридскиот рамковен договор. Но, има и други примери. И покрај историските врски, Валонците не се нарекуваат Французи. Повеќето Фламанци се лутат ако им кажете дека зборуваат холандски. Никој не прашува зошто во центарот на Брисел има споменик на Егмонт и Хорн, а уште помалку која е нивната националност. Но, претпоставувам дека има и злобни и вулгарни објави на Фејсбук“, тврди Димитров.

Во врска со историјата Димитров вели дека таа е многу важна, но нагласува дека разбирањето за неа се избиструва со текот на времето. Запрашан за неговото решение за излез од сегашната ситуација, Димитров истакна дека не е во позиција да „ѝ дава памет на власта“. Лично, пак, е убеден дека не може да се постигне договор ако двете страни не разговараат како рамноправни, без снисходливост.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот