Поранешен англиски репрезентативец со предлог за ново правило во фудбалот

Тери Бучер предлага неконтролираните воздушни дуели да бидат исфрлени од фудбалската игра/Фото: EPA/DENNIS M. SABANGAN

Новото истражување покажа дека поранешните фудбалери имаат три и пол пати поголема веројатност да добијат деменција отколку просечниот човек.

Поранешниот англиски репрезентативец Тери Бучер се залага играта со глава да се повлече од спортот за да се намали ризикот од повреди на мозокот и невродегенеративни болести.

Бучер беше бескомпромисен дефанзивец, силен во играта со глава и додека играше за англиската репрезентација, тој се здоби со повреда на главата во квалификацискиот натпревар за Светското првенство во Италија во 1990 година.

На неколку поранешни фудбалери, особено од репрезентацијата на Англија која го освои Светското првенство во 1966 година, им беше дијагностицирана деменција, а Бучер верува дека тоа е поврзано со воздушни дуели.

– Мислам дека во фудбалот можеме без силни воздушни дуели, што резултира со трауми, бидејќи мозокот трпи силни удари. Би сакал неконтролираните воздушни дуели полека да бидат исфрлени од игра, и сите треба да се согласат за тоа – рече Бучер за „Би-Би-Си“.

Новото истражување покажа дека поранешните фудбалери имаат три и пол пати поголема веројатност да добијат деменција отколку просечниот човек. Ризикот е уште поголем за играчите во одбраната, кои имаат дури пет пати поголем ризик да развијат деменција.

Врз основа на оваа студија, Премиер лигата препорача играчите да имаат максимум 10 удари во главата за време на тренинзите во текот на неделата.

Видео на денот