Пораки од канцеларката Меркел: Сè уште има шанса за прва меѓувладина конференција со С. Македонија до крај на годината

Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Северна Македонија е во очекување на состанокот на министерскиот совет на Унијата на почетокот на овој месец и на можноста да се даде зелено светло за преговарачката рамка, а германската канцеларка Ангела Меркел вчера со порака дека земјава сè уште има шанси да ја одржи првата Меѓувладина конференција со ЕУ оваа година, во текот на германското претседавање.

Таа на вчерашната видео-конференција со парламентарците од европскиот континент, сепак, рече дека тие се соочуваат со потешкотии во врска со одржувањето на Меѓувладината конференција и дека сè уште постои потреба од преговори меѓу Бугарија и Северна Македонија.

– Се соочуваме со потешкотии да овозможиме одржување на меѓувладината конференција со Северна Македонија. Албанија направи голем напредок, но особено е во прашање дали ќе успееме навреме со Северна Македонија, затоа што си уште постои потреба од преговори меѓу Бугарија и Северна Македонија, нагласи германската канцеларка.

Подоцна, одговарајќи на прашање на пратениците, Меркел рече дека се надева оти Северна Македонија оваа година ќе ги започне преговорите, додека Албанија ќе мора да почека.

Од друга страна повеќе високи дипломати од земји – членки на ЕУ наведуваат дека Северна Македонија речиси сигурно ќе биде блокирана од Бугарија на состанокот.

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Брисел се состанаа вчера да ги разгледаат заклучоците што треба да бидат усвоени на 8 декември од страна на министрите за европски работи. Нивниот следен состанок, пред состанокот на Советот на ЕУ е во среда.

– Консултациите продолжуваат на оваа тема, велат од Советот на ЕУ.

Според информации на МИА, од заклучоците е отстранета опцијата за вклучување на датум за одржување на првите меѓувладини конференции со Албанија и Северна Македонија поради ветото на Софија за Скопје, а датумите ќе бидат вклучени во самите преговарачки рамки кога тие ќе бидат усвоени, објаснуваат дипломатите од земјите членки на ЕУ.

Бугарија вчера на амбасадорскиот состанок повторила дека нема да даде зелено светло за Северна Македонија на идниот министерски состанок на 8 декември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот