Поради ургентната состојба со новите варијанти на ковид-19: Делфреси се залага за повторно затворање на Франција

Ковид состојба во Париз, Франција/Фото: EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Претседателот на Научниот совет, задолжен да ја советува француската Влада за епидемијата со ковид-19, Жан-Франсоа Делфреси, поради ургентната состојба со доаѓањето на новите варијанти на ковид-19, ја изнесе идејата за прегрупирање или повторно затворање – карантин на земјата, јави дописникот на МИА.

Неговиот повик за повторен карантин, за да може земјата да се справи со варијантите на коронавирусот кои целосно ја менуваат здравствената состојба во Франција, е со голема тежина. Делфреси смета дека „веројатно ќе биде потребно да се оди кон затворање” за што е потребна политичка одлука.

– Има итен случај. Колку побрзо се донесе одлуката, толку е поефикасна и може да има ограничено траење. Ние сме во критична недела. Ние во моментов, заедно со Италија, сме земји од Европа во најдобра здравствена состојба, истакна тој.

Но, тоа според професорот е лажна безбедност, ситуацијата нема да може да трае долго, поради варијантите кои се шират.

– Додека сме во очигледно релативно стабилна ситуација, ако продолжиме без да сториме ништо повеќе, од средината на март ќе се најдеме во исклучително тешка ситуација, како и другите (европски) земји, предупреди тој.

Според него, исклучително политичка треба да биде одлуката дали затворањето треба да биде строго како во пролетта 2020 година, или треба да се дозволи училиштата да останат отворени како во ноември.

Навраќајќи се на проекциите за вакцинација, професорот Делфреси „не го дели” убедувањето на владата дека целото население може да се вакцинира до летото.

– Капацитетот за вакцинација е ограничен, бидејќи фармацевтската индустрија не успева да обезбеди огромни количества вакцини. Од февруари до крајот на април (…), имаме трка помеѓу пристигнувањето на варијантата и вакцинацијата, резимира тој. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот