Поради штрајкот на СОНК ќе се откажат и матурските испити

Средношколци / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

По неуспешната средба меѓу претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков и премиерот Димитар Ковачевски, СОНК најавува генерален штрајк кој ќе започне на 11 април.

– Штрајкот ќе започне на 11 април, а до кога ќе трае, ќе зависи од преговорите со надлежните министерства и со владините претставници, или ќе трае дотогаш додека не се договориме. Воспитно образовниот процес ќе биде целосно прекинат. Што се однесува на децата од градинките, не смеам да кажам дека нема да бидат примени, но нема да се врши згрижувачка дејност, што значи дека нема да има кој да ги прифати. Исто така прекинати ќе бидат и матурските испити кои треба да се одржат во текот на месец март, рече денеска на прес конференција Неделков.

Тој вели дека му е жал што изминатиов временски период, немало никаков резултат по одос на нивните барања.

–Неприфатливиот и неаргументиран однос и основ на ресорните министерства, дополнително влијае на одлучноста на членството на СОНК да истрае во легитимната борба за остварување на своите барања, рече Неделков.

СОНК бара усогласување на платите во образованието со минималната плата, која од овој месец се зголемува од 15.200 на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места. Синдикатот бара корекции на платите и за вработените во градинките, како и усогласување со минималната плата во високото образование и за вработените во ученичките и студентските домови.

На средбата во Владата присутни биле и  министрите за економија Фатмир Битиќи, за образование и наука Јетон Шаќири и за финансии Фатмир Бесими.

Од Владата велат дека се отворени за понатамошен дијалог.

– На средбата се разговараше за барањата на СОНК и на истата е донесен заеднички заклучок дека Владата е отворена за континуиран дијалог со цел изнаоѓање одржливи и системски решенија кои ќе постават рамка која ќе го заштити стандардот и интегритетот на наставниот кадар, а со акцент на стартната позиција врзана со социјалниот статус на вработените во воспитно-образовниот систем како основ за понатамошните разговори, велат од Владата.

– Можам да соопштам на јавноста дека се добиени записници од 90 проценти од синдикалните организации од севкупно некаде околу 600 синдикални организации и над 98 проценти се „за” организирање на генерален штрјак. Безмалку сите записници што се пристигнати се за организирање на генерален штрајк во детските градинки, основните и средните училишта. Дополнително ќе имаме констултации за установите од дејноста култура и дејноста високо образование и наука како и ученички студентски домови, истакна Неделков.

Инаку попладнево делегација на Владата, предводена од премиерот Димитар Ковачевски имаше средба со претставници на СОНК, на која беше соопштено дека е договорено „продолжување на континуираниот дијалог со цел изнаоѓање одржливи и системски решенија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот