Поради оптовареност на болниците, холандски пациенти со ковид-19 се превезуваат во Германија

Ковид болница. / Фото: EPA-EFE/MATTHIAS RIETSCHEL / POOL

Холандија денеска почна да транспортира пациенти со ковид-19 во Германија за да го намали притисокот врз холандските болници кои се борат со раст на случаите на коронавирус.

Пациентот утрово со возило на брза помош од Ротердам е пренесен во болница во Бохум, на околу 240 километри источно, а уште еден ќе биде пренесен во текот на денот, соопштија здравствените власти.

Бројот на пациенти со ковид во холандските болници во последните недели се искачи на највисоките нивоа од мај и се очекува дополнително да се зголеми бидејќи инфекциите достигнуваат рекордни нивоа.

Германските болници понудија вкупно 20 кревети за пациенти од Холандија, откако лекуваа десетици пациенти за време на претходните бранови на пандемијата.

Плановите на холандската влада да воведе дополнителни ограничувања за да се запре ширењето на вирусот предизвикаа три ноќи протести и повеќе од 170 апсења во градовите низ целата земја.

Од вчера, 470 од вкупно 1.050 кревети во единиците за интензивна нега во Холандија се зафатени од пациенти со коронавирус, а болниците веќе ги намалуваат вообичаените процедури, вклучително лекување на карцином и кардиолошки операции, за да обезбедат доволно простор за пациентите заразени со ковид.

Видео на денот