Поради обвинувања за христијанизирање на Индијците: Блокирана сметката на милосрдните сестри на Мајка Тереза

Милосрдните сестри им помагаат на најсиромашните и на отфрлените во Индија/Фото: EPA-EFE/PIYAL ADHIKARY

Хиндуските националисти со години го обвинуваат редот дека ги злоупотребува донациите од странски земји за кампања за христијанизирање на индиското население. Редот категорично ги отфрла таквите обвинувања

Индиските власти одбија да му ја обноват лиценцата за финансирање на редот милосрдни сестри формиран од нобеловката Мајка Тереза.

Токму за време на божиќните празници редот Мисионери на милосрдието објави дека поради „спорни уплати“ му е блокирана сметката за странски донации, од која главно се финансираат низата проекти за помош на најсиромашните луѓе во Индија, за згрижување сирачиња, отворање училишта и болници.

Хиндуските националисти со години го обвинуваат редот дека ги злоупотребува донациите од странски земји за кампања за христијанизирање на индиското население. Редот категорично ги отфрла таквите обвинувања.

Владата на популистичкиот премиер Нарендра Моди настојува да воведе строга контрола врз странското финансирање на сите невладии организации и фондации низ Индија, поради што лани им беа замрзнати сметките на групата за човекови права Амнести интернешнел и на еколошката група Гринпис.

Мајка Тереза, родена во Скопје како Агнеза Бојаџиу, го формираше католичкиот ред Мисионери на милосрдието во Колката во 1950 година и 19 години подоцна, токму поради активностите на милосрдните сестри, ја доби Нобеловата награда за мир, а во 2016 година, 19 години по нејзината смрт, беше прогласена за светица.

Мнозинството од 1,3 милијарди жители на Индија се хиндуси, но во земјата има и близу 24 милиони христијани. Индија, по Филипините, ја има најмногубројната христијанска заедница во Азија.

Властите настојуваат да ги спречат наводните кампањи за привлекување на хиндусите да преминат кон исламот или кон христијанството, поради што сојузните држави во кои е на власт Индиската народна партија воведуваат закони за забрана на промената на религијата заради брак.

Во изминатите години зачестија и нападите врз верските малцинства во Индија, особено во јужната сојузна држава Карнатака, каде што имало 40 напади или закани за насилства. Индуски локални милици во текот на оваа година вандализираа цркви и со протести попречија верски празнувања на разни малцински верски групи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот