Поради невремето одложено денешното уништување на убојни средства на полигонот Криволак

Уништувањето на минско-експлозивните и убојни средства што беше закажано за денеска, се одложува поради невремето што владее во земјава и тоа ќе се реализира во некој нареден термин, кога ќе дозволат временските услови.

Веста ја потврдија и од ДЗС, од каде седум пиротехничари ќе го изведат уништувањето на овие експлозивни направи.

– Поради снегот и екстремно ниските температури што владеат во земјава, планираното уништување на минско-експлозивни и убојни средства што беше закажано за денеска се одлага за некој нареден термин, кога ќе се стабилизира временската состојба во земјава, изјави Драгољуб Попоски, пиротехничар од ДЗС.

Тој напомна дека во оваа кампања требаше да се изведат три уништувања во трите термини 16, 19 и 23 февруари. Ако на 19 февруари, петок, временските услови се подобрат, ќе се изврши првото уништување, а терминот од денеска ќе биде презакажан за следната недела.

Во трите акции треба да бидат уништени преостанатите околу 4 500 убојни средства пронајдени во целата земја, од кои околу 4 000 се ископани крај градскиот стадион во Битола, со што ќе се заокружи оваа операција.

Како и претходните и овие уништувања ќе се изведат на воениот полигон Криволак под надзор на првите луѓе на ДЗС, Армијата и МВР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот