Поради големи трошоци, дивоградбата на „Пластичарска“ делумно ќе се урива, тоа ќе ја чини Општина Центар околу 5 милиони денари

Општина Центар е цврсто решена да го урне објектот на „Пластичарска“ улица, кој со години се гради без дозвола и денес е речиси во завршна фаза. Според градоначалникот Горан Герасимовски, и покрај тоа што неодамна била договорена акција за отстранување на објектот, не можеле да добијат асистенција од полицијата затоа што, како што ги известиле од МВР, поради дојавите за бомби немале доволно полицајци. Поради тоа, општинатаденовиве повторно поднела барање за асистенција, за конечно да се урне оваа дивоградба.

 Од страна на Општина Центар до МВР е поднесено барање за асистенција на извршување на решение на градежен инспектор, на 8.3.2023.  Акцијата за отстранување на објектот е планирана за наредниот период. Спроведен е мини тендерот и испочитувани се сите законски рокови – велат од Центар.

Оттаму дообјаснуваат дека спроведениот мини тендер е за делумно онеспособување на објектот, со што тој би бил неупотреблив, бидејќи станува збор, како што велат, за огромен објект за чие уривање не стигнуваат ни средствата предвидени во годинешниот Буџет за таа намена.

Само за да се изврши делумно уривање, односно онеспособување ќе се потрошат околу пет милиони денари. Понатаму, со ребалансите на Буџетот ќе се обезбедуваат дополнително средства за објектот да биде комплетно урнат – објаснуваат од Општината.

Од МВР за „Слободен печат“ потврдуваат дека тие ќе постапат согласно законските прописи.

Ве известуваме дека Секторот за внатрешни работи ќе постапи согласно член 7 од Законот за полиција во кој се опишани сите потребни законски рокови за постапување на полицијата кога од државен орган или институција е побарана асистенција – велат од Министерството.

Во споменатиот член од Законот се прецизира дека „барањето за асистенција, надлежниот орган го поднесува до Полицијата во писмена форма, најдоцна пет дена пред спроведувањето на извршувањето, односно пет дена пред денот за кој е утврдена потреба за давање на помош (асистенција). Потоа, раководителот на надлежната организациска единица, како што стои во законот, одлучува за начинот на давање на помошта (асистенцијата) и за тоа навреме го известува подносителот на барањето.

Трошокот за асистенција исто така паѓа на товар на оној што ја бара асистенцијата, во случајов на Општина Центар. Вредноста на укажаната асистенција се определува по работен час, според бројот на ангажирани работници и изминат километар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот