Поради двоглавиот орел во Врапчиште ДУИ распали по градоначалникот, Шабани обвинува за клевета и најави тужба

Пратеникот на Демократската Унија за Интеграција, Берат Ајдари денеска побара морална одговорност од градоначалникот на Општина Врапчиште, Исен Шабани, како и од претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села и неговиот коалициски партнер Африм Гаши во врска со, според нив „срамниот чин што го изврши нивниот градоначалник против неговите граѓани“.

Имено според пратеникот Берат Ајдари го обвинува градоначалникот Шабани за неморално однесување бидејќи поради скулптура на двоглавиот орел која била поставен во општинската зграда во гостиварското село Неготино, од страна на некои жители наводно ги пријавил лицата во полиција.

-Јас, Берат Ајдари, како поранешен припадник на ОНА, исто како и сите други албански граѓани во Република Северна Македонија изразувам длабока огорченост од контроверзната акција на градоначалникот на Врапчиште, на кого му пречи и светиот симбол на на Албанците, двоглавиот орел. За да биде овој чин уште посрамен, Исен Шабани им се обрати на полициските власти само на македонски јазик, не почитувајќи го Законот за двојазичност, заобиколувајќи го спроведувањето што го бараат дење и ноќе. Горенаведениот градоначалник, злоупотребувајќи ја својата позиција преку писмо испратено до полициските власти, пријавил дека неколку жители на село Неготино во општина Врапчиште, наводно, незаконски, преку ноќ во општинската зграда во село Неготино го сместиле двоглавиот орел, рече Ајдари.

Поради овој, според Ајдари „срамен“ и „шпионски чин“, тој бара од претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села како и претседателот на Алтернатива Африм Гаши да излезат јавно да го расчистат предметниот случај, и да им се извинат на Албанците и истовремено да го осудат овој чин на градоначалникот на Врапчиште.

-Овој чин на Исен Шабани го покажува неговото вистинското лице, вистинското лице на неговиот водач Зијадин Села и лажниот патриотизам што тие се обидуваат да го продадат на албанските граѓани. На крајот од сето ова можеме да заклучиме дека кога еден градоначалник ги шпионира оние што му дале доверба да ја води општината, замислете што можат да направат доколку истите се на власт!, потенцира видно навредениот пратеник од ДУИ Ајдари.

Од друга страна градоначалникот на Врапчиште на Фејсбук објави дека не напишал такво писмо и дека тоа е клевета од ДУИ.

-Секое лице со средно образование треба да знае дека секој службен документ издаден од институција има архивски број (протокол), број за прием во институцијата каде што е испратен и слични докази, дефинирани со закон. Во писмото издадено од клеветниците, оние што не го сакаат најдоброто за граѓаните, нема архивски број, ниту протоколарна трага. Ова уште подобро докажува дека писмото е фалсификувано. Затоа, од овој момент, мојот законски застапник ќе се занимава со оваа работа. Клеветниците ќе одговараат, напиша Шабани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот