Поради бучава „клуч на врата“ на пералница во Карпош, граѓаните бараат инспекција и во кафулињата
Дел од карпошани се изненадени што Општината постапила по жалбите поврзани со пералница за автомобили, а дека не реагира за бучавата што секојдневно ја слушаат жителите од зградите во близина на градилиштето каде што речиси цела година се гради спорната висококатница на локација зад бензинската пумпа и зад поликлиниката „Букурешт“ на булевар Партизански одреди.
Поради прекумерна бучава, пералница за автомобили во Карпош 2 доби забрана за работа од еден месец. Ова е решение на општинскиот инспектор за животна средина откако граѓаните што живеат во близина на овој објект се пожалиле на бучавата и побарале да реагира Општина Карпош.
Од Општината информираа дека овластениот инспектор веднаш реагирал и излегол на терен, каде што направил вонреден инспекциски надзор на местото каде што функционира правниот субјект ДПТУ „Делта Центар“ ДООЕЛ – Скопје, чија основна дејност е миење моторни возила. Станува збор за самоуслужна автопералница која се наоѓа на булеварот Осми септември, на аголот, спроти СЦ „Борис Трајковски“.
Според своите законски овластувања и должности, Инспекторот за животна средина од Општина Карпош спроведе инспекциска постапка со Записник за извршен инспекциски надзор ИП1 бр. 69- 455 од 13.12.2024 година. По брза постапка општинскиот инспектор ја ангажираше акредитираната фирма „Еуромакконтрол“ ДООЕЛ, која спроведе неколку последователни мерења на нивото на бучава, во согласност со Правилникот за гранични вредности на нивото на бучава во животната средина. (Сл. весник на РСМ бр. 147/08). Од добиениот Извештај и податоците од мерењата, констатирано е со Записник за извршен контролен инспекциски надзор ИП1 бр.69-455 од 30.12.2024 год.) дека гореспоменатиот правен субјект ги надминува максимално дозволените гранични вредности – објаснуваат од Карпош.
Истиот ден кога е подготвен записникот, на правното и на одговорното лице им бил издаден прекршочен платен налог.
Во случајов, субјектот не ја прифати постапката и не ги плати прекршочните налози, со што постапката целосно е препратена до надлежен орган за понатамошно разгледување и постапување.Веднаш потоа, односно на 31.12.2024 година општинскиот инспектор за животна средина донесе Решение за забрана за вршење на дејност – одржување и поправка на моторни возила во рок од 30 дена. Подносителот на барањето ќе биде известен преку Управната инспекција, додека инспекциската постапка е во тек – велат од Општината.
Оттаму тврдат дека инспекциските служби од Општина Карпош со ваквата постапка во рамки на нивните должности и овластувања реагирале на овој начин, заштитувајќи ги правата на граѓаните кои биле изложени на прекумерна бучава, која го нарушувала квалитетот на нивниот живот.
На ваквата информација од Општината реагираа карпошани, кои бараат инспекциите да продолжат и во кафаните и кафулињата во Карпош 1, каде, како што велат, со галама и музика ги малтретираат жителите до еден часот после полноќ.
Дел од нив се изненадени што Општината постапила по жалбите поврзани со пералница за автомобили, за која тврдат дека никому не му пречи, а дека не реагира за бучавата која секојдневно ја слушаат жителите од зградите во близина на градилиштето каде речиси цела година се гради спорната висококатница на локација зад бензинската пумпа и зад поликлиниката „Букурешт“ на булевар Партизански Одреди.
Истото направете го сега на вашиот омилен објект до бензинска „Макпетрол“ каде дене, ноќе, празник, делник, се лупа, се набиваат шипови и ечи околина. Ама ете, пералната била пребучна наспроти градежна офанзива – коментира жител на Карпош.